Отворено писмо на специјализанти до Заев и Филипче: Бараме платени дежурства, здравствено осигурување и поголеми плати
Групата приватни специјализанти при Медицинскиот факултет објавуваат писмо до премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче и си ги бараат своите права кои им беа ветени, а не се исполнети.
Тие бараат здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, платени дежурства, покачување на основната базична плата и покривање барем на дел од трошоците за специјализација.
Во продолжение барањата на специјализантите:
„ Здравствено осигурување за сите приватни специјализанти при Медицинскиот факултет – Скопје, поради што не е дозволиво во текот на една од најстрашната светска пандемија во 21 век, а веќе во најава и нова светска пандемија од мутиран вирус, дел од медицинскиот персонал што работи по ковид-центрите на Универзитетските клиники да биде здравствено неосигуран.
Платени дежурства за сите специјализанти, зашто само во нехумани и експлоатирачки услови работодавецот (во овој случај Министерството) го условува работникот (во овој случај специјализантот) на работа во тек од 24 часа, а притоа да не добие никаков финансиски надоместок за тоа.
Покачување на основната базична плата од 26.000 денари, на 32.000 денари на месечно ниво, бидејќи во текот на изминатите 3 години сиот медицински персонал што е под државна капа доби покачување на плата од политиката предводена од вас, a само ние како приватни специјализанти не добивме ниту денар покачување.
Покривање на дел или целата сума од трошоците за специјализација за изминатиот летен и за претстојниот зимски семестар 2020 година, поради тоа што иако нашата едукација на Универзитетските клиники беше сведена на 0 и во еден период сите државни специјализанти беа повлечени по матичните установи, ние, приватните специјализанти, овозможивме услови за непречена работа на Универзитетските клиники.
Затоа, ние, група приватни специјализанти при Медицински факултет – Скопје, ви се обраќаме вам со нашите барања, кои ни следуваат. Бидејќи ние во ниту еден момент не одбивме работа од каков било карактер и несебично ги жртвуваме нашите млади животи во хумани цели и во името на медицината во текот на целата оваа тешка година. Затоа бараме што побрзо одржување работна средба со цел да се изнајадат соодветни решенија на постојните проблеми и барања“, се вели во писмото на Група приватни специјализанти при Медицински факултет – Скопје.