Поранешниот американски претседател Доналд Трамп одбил да го коментира јавно интервјуто со Меган Маркл и принцот Хари, затоа што се плашел „дека ќе го уништат како британскиот водител Пирс Морган“, вели неговиот поранешен соработник Џејсон Милер.
Милер гостувајќи во еден подкаст, рекол дека Трамп за малку ќе го споделел своето мислење, но на крајот заклучил дека тоа не е добра идеја.
– Кога разговарав со претседателот утрово, тој ми рече: „Да, таа не е добра. Го реков тоа и порано, но сега сите го гледаат тоа. Но, ако кажете нешто негативно за неа, ќе те уништи. Погледнете го Пирс – ги прераскажал Милер зборовите на Трамп.
За потсетување, британскиот водител Пирс Морган даде отказ од емисијата „Добро утро, Британија“, затоа што беше нападнат поради неговите навредувачки изјави за Меган Маркл.
Морган е познат по неговата омраза кон Меган, која јавно ја покажува, а тој во емисијата отворено рече дека не верува во ниту еден збор од нејзиното интервју и ги нападна неа и Хари за непочитување на монархијата.
Во еден момент, водителот го напушти студиото среде емисија, за време на дискусија со колегата Алекс Клеш, а подоцна објави дека дури и нема да се врати во емисијата.
Ниту Трамп не е претеран обожавател на Меган Маркл.
– Јас не сум обожавател на Меган Маркл. Исто така, би сакал да го кажам уште ова, а тоа сигурно не е првпат да го слушнат: Му посакувам многу среќа на Хари со неа во бракот, бидејќи дефинитивно ќе му треба – рекол Трамп во 2020 година на прес-конференцијата во Белата куќа.
Една година порано, тој наводно ја нарекол „зла“, но подоцна тоа го негирал.