ОТКРИЕНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ НА КОСОВО Околу 15.000 гласови запишани на погрешни кандидати, ќе се повтори пребројувањето
Обвинителството на Косово започна истрага за можни изборни манипулации, а полицијата доби наредба да ги идентификува одговорните за неправилностите во процесот на броење.
Централната изборна комисија на Косово денес одлучи да спроведе целосно пребројување на гласовите на избирачките места во 28 општини. Одлуката е донесена откако делумното пребројување во 10 општини покажа големи несовпаѓања во гласовите за кандидатите за пратеници на предвремените парламентарни избори одржани на 28 декември минатата година.
По пребројувањето на гласовите за парламентарните избори во Косово, утврдено е дека во 316 од вкупно 914 избирачки места, промените изнесуваат речиси 15.000 гласови. Поради ова, целиот изборен процес беше доведен во прашање.
Станува збор за разлики во гласовите за поединечни кандидати, а не за политички партии.
Најголемите неправилности беа забележани во Призрен, каде што беше утврдено дека повеќе од 10.000 гласови на Демократската партија на Косово им биле припишани на погрешни кандидати во рамките на истата партија за време на броењето. Ова укажува на можни манипулации.
Во меѓувреме Обвинителството на Косово започна истрага за можни изборни манипулации, а полицијата доби наредба да ги идентификува одговорните за неправилностите во процесот на броење.
Ситуацијата со броењето на гласовите дополнително ја комплицира политичката ситуација во која се наоѓа Косово повеќе од една година. Според проценките на некои набљудувачи, пребројувањето на гласовите и конечното потврдување на резултатите од страна на Централната изборна комисија би можело да потрае до средината или крајот на февруари.
Косово е без целосно функционални институции веќе една година, а без нови институции нема да биде можно да се усвои буџетот за 2026 година. Сепак, најголемиот проблем е изборот на нов претседател, кој мора да биде избран најдоцна до 4 март од страна на Парламентот на Косово – што во моментов дури и не е на повидок.
Доколку тоа не се случи, Косово автоматски оди на нови вонредни избори.