Откази ќе фрчат, но која причина помалку ќе боли?
Работниците се принудени да потпишат спогодбен отказ, да потпишат анекси од неопределено на определено работно време, само за работодавачите да не им го исплатат она што им следува при отказ од деловни причини - отпремнини.
Која ќе биде причината за отказните решенија кои ги најавија газдите од текстилниот, угостителскиот и другите сектори ако не добијат помош – подеднакво ги мачи и газдите и синдикатите. Синдикатите велат деловна треба да биде причината за тие откази, а газдите изнаоѓаат најразлични други причини само за да одбегнат плаќање законска отпремнина ако во решенијата се наведе деловна причина. Експертите се јасни дека во услови на пандемија причината за отказот треба да биде деловна, и е единствена можност работодавачите да го намалат бројот на работници кога тие не се согласуваат со отказот, но е несоодветна во време на криза кога е потребно брзо дејствување и прилагодување на пазарот на трудот.
Синдикатите тврдат дека отказите се голем проблем во овој период. Стотици работници веќе се отпуштени. Во текстилниот сектор досега 7.000 работници останаа без работа, а се најавуваат нови по принудните одмори. Угостителите најавија дека ќе ги отпуштат работниците. Работниците се принудени да потпишат спогодбен отказ, да потпишат анекси од неопределено на определено работно време, само за работодавачите да не им го исплатат она што им следува при отказ од деловни причини а тоа се отпремнини.
– На работодавачите им се на располагање и принудните одмори кои можат да ги продолжуваат неколку месеци и во тој период да им даваат за 30 отсто пониска плата. Подоцна, кога ќе се подобрат условите, овие пари ќе треба да им се надоместат на работниците. Доколку добијат откази причината за отказот треба да биде деловна, оти само така работниците ќе имаат некакво обештетување за отказот – отпремнина и осигурување на работникот дека во други услови ќе биде вработен – вели Љупчо Радевски од синдикатот на текстилците.
Овој синдикат апелира работниците да не потпишуваат бланко листови или решенија за отказ без наведена причина за отказот, бидејќи подоцна поради ваквите отказни решенија нема да можат да ги остварат своите права.
Според претседателот на КСС, Благоја Ралповски, работниците не треба во услови на пандемија да бидат отпуштени или да не добиваат плата затоа што тоа е нефер кон нив.
– Во време кога и фирмите и работниците се обидуваат да преживеат работовачите треба да бидат коректни кон работниците и да не ги оставаат без работа. Ако, сепак се одлучат да ги отпуштат од работа причината за отказот секако треба да биде деловна, бидејќи работникот во оваа ситуација не е тој што дал причина за отказ и треба на некој начин да добие обесштетување – вели Ралповски.
Според него, прво треба да се одлучи на чиј товар ќе бидат работниците од најавената бројка 20.000 или 30.000 работници кои ќе останат без работа.
– Во услови на здравствена криза не е фер работниците кои едвај излегуваат на крај со платата да не бидат здравствено осигурани, да не зборуваме за тоа како тие преживуваат кога не примиле една или две плати, а како ќе преживеат без плата. Но се плашам дека по завршување на кризата работодавачите кои ќе ги отворат работните места да не најдат работници, бидејќи тие ќе ја напуштат државата – вели Ралповски.
Експерти од трудовото право велат дека за работодавачите е непопуларно давањето отказ од деловни причини бидејќи не само што ќе ги чини пари, туку и постапката за отпуштање на работниците трае подолго од нивните очекувања тоа да го сторат веднаш.
– Законски предвидената постапка за откажување на договорот за вработување поради деловни причини, која во најсложените случаи може да трае и до два месеца, како и обврската за исплаќање на значителен износ на име испратнина, ја прават оваа постапка непопуларна помеѓу работодавачите, а и несоодветна во време на криза кога е потребно брзо дејствување и прилагодување на пазарот на трудот. И покрај сето ова, доколку економската логика наложува намалување на бројот на работници, а притоа не постои согласност од страна на работниците, работодавачите законски немаат друг избор освен да ја спроведат оваа постапка – велат од адвокатската канцеларија Чакаровска специјализирана и за предмети од трудовото право.
Сепак, додаваат оттаму, овој вид отказ има поволности за двете страни и за работодавачите и за работниците.
– За работодавачот, предноста на откажувањето на договор за вработување поради деловни причини е во тоа што не е потребна согласност, ниту вина на страна на работникот, па така работодавачот е слободен да одлучи за намалувањето на бројот на работници на одредено работно место или пак за целосно укинување на тоа работно место, секако доколку тоа го наложува економската состојба, напредокот на технологијата, внатрешните организациони/структурни промени или други објективни причини на страна на работодавачот. За работниците, предноста доколку им биде откажан договор за вработување поради деловни причини е тоа што по престанокот на работниот однос им следува испратнина од работодавачот, а може и да ги остваруваат правата согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, меѓу кои и правото на паричен надоместок во износ од 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци, за време од 1 до 12 месеци во зависност од стажот на осигурување – велат од адвокатската канцеларија Чакаровска.