ОТКАЖАН ШТРАЈКОТ ВО „ПОШТИ“, ПЛАТИТЕ ДО ПЕТОК Синдикатот постигна договор со раководството и владата
Сите државни институции ќе бидат обврзани да ги користат услугите на АД Пошти, а Управниот одбор на АД „Пошти“ ќе изготви нова систематизација и нова реонизација за максимална продуктивност на вработените.
Платите за вработените во АД Пошти на Република Северна Македонија да бидат исплатени најдоцна до петок, 28 октомври, а платите за наредните месеци да бидат исплаќани во законски предвидениот рок – се договорија вчера министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на „Пошти“ Васко Стефанов на средбата со претставници на синдикалната организација при АД „Пошти“ и на Сојузот на Синдикати на Македонија. До средбата дојде откако синдикатите се заканија со штрајк.
На средбата Министерството за транспорт и врски се обврзало да достави информација до Владата и на наредната владина седница да стави точка на дневен ред со која се дава задолжение до сите државни институции да ги користат услугите на АД Пошти на Република Северна Македонија, согласно измените во Законот за поштенски услуги.
Се задолжува АД „Пошти“ да направи план за намалување на непродуктивните расходи, рационализација согласно препораките на Владата.
Исто така Управниот одбор на АД „Пошти“ ќе изготви нова систематизација и нова реонизација за максимална продуктивност на вработените. Владата ќе го следи целокупниот процес на реорганизација, рационализација и оптимизација на работењето на „Пошти“, процес кој ќе трае до 31 декември 2022 година.
„По ваквите завземени ставови протестот се става во мирување и засегнатите страни се обврзуваат на взаемна поддршка за почитување на обврските“, се вели во соопштението од состанокот.