Сликите од автобусите покажуваат гужви, од ЈСП уверуваат дека 50% возат празни

Возилата сообраќаат со возен ред и толкав број на возила, кој ги задоволува потребите на корисниците на јавниот превоз, притоа исполнетоста да не е повеќе од 50% од капацитетот на возилата, велат од ЈСП Скопје.

489

Граѓаните на социјалните мрежи секојдневно се жалат дека има гужви во автобусите во Скопје, а од ЈСП Скопје уверуваат дека согласно последната владина препорака го oрганизирале функционирањето на јавниот превоз со ограничување на бројот на патници во возилата на 50% од вкупниот капацитет на возилото.

– Возилата сообраќаат со возен ред и толкав број на возила, кој ги задоволува потребите на корисниците на јавниот превоз, притоа исполнетоста да не е повеќе од 50% од капацитетот на возилата. До пред околу еден месец, секојдневно на линија се вклучуваа 140 возила, а откако стапи на сила најновата препорака, дел од јавниот превоз секојдневно се 190 возила – велат за Плусинфо од ЈСП Скопје.






Оттаму додаваат дека е зголемен бројот на возила на повеќе линии (5, 15, 24, 57, 58, 63, 65 и други приградски линии).

– Режимот на превозот не е направен паушално, туку врз основа на бројот на валидации од електронскиот систем на наплата, а во неколку наврати извршено е и физичко броење на просечен број патници. Бројот на корисници кои го користат јавниот превоз, за кој имаме увид во секое време врз основа на бројот на валидации од системот за електронска наплата, укажува дека актуелниот режим на сообраќање ги задоволува потребите на корисниците и не се регистрирани поголеми гужви, при што испочитувана е владината препорака за исполнување на возилата не повеќе од 50% од нивниот капацитет – додаваат од јавното претпријатие.

Од ЈСП велат дека повеќе од два месеца, 100 лица се ангажирани како редари и имаат обврска да го регулираат влезот/излезот на патници, односно да го одржуваат оптималниот број на патници согласно владината препорака.

– Во случај на појава на инцидентно зголемен број на патници, се интервенира и со зголемување на број на возила на дневна основа. Така, на пример, од почетокот на месецов, на линиите 2 и 2А се вклучија дополнителен број на возила, откако беа регистрирани зголемен број патници од дозволеното согласно важечките протоколи за функционирање на јавниот превоз во актуелната ситуација (во меѓувреме, овој случај кружеше по социјалните мрежи) – ни одговорија од ЈСП Скопје.

Од јавното претпријатие велат дека секојдневно ја следат ситуацијата на терен и по потреба ќе продолжат да реагира на дневна основа, како би се испочитувале мерките кои се однесуваат на функционирањето на јавниот превоз во услови на ковид-19.

Oд Град Скопје за Плусинфо велат дека поради пандемијата на ковид-19 и препораките за безбедност, автобускиот превоз работи со намален капацитет, согласно препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.

– Во наредниот период ќе продолжиме да ги анализира состојбите, по што ќе се бара оптимално решение кое ќе биде, пред сѐ, во интерес на здравјето на граѓаните – велат од Град Скопје.

Поврзани содржини