Освен за маларија, и терапија за ебола и ХИВ ќе им се дава на болните од коронавирусот на Инфективна
Некои пациенти со коронавирусот хоспитализирани на Инфективната клиника ќе се лекуваат со терапии кои се користат за лекување на заболени со ебола вирусот и со антиретровирусни лекови против ХИВ, потврди вечерва министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на прашање на новинарите.
На дел од заразените со коронавирусот кои се сместени на Инфективната клиника веќе почна да им се дава комбинирана терапија – со антибиотик и лек против маларија.
– Конкретниот одговор е дека да, тоа се лековите кои што насекаде во светот се индицираат кај овие пациенти и практично се аплицираат а потекнуваат од истражувањата на овие други вируси кои ги споменавте, Тоа е суштината на терапевтскиот пристап кон коронавирусот – терапии кои се користат кај ебола вирусот, антиретровирусната терапија кај ХИВ пациентите ,,калетра”, па уште еден лек по оваа комбинација што ја спомнавме. Ќе се селектираат пациентите – рече Филипче.
Според него, за секоја група пациенти има соодветна индикација и тоа е суштината на клиничката студија.
– Секој пациент не одговара за секоја група на лекови – додаде Филипче.
Македонија е во групата на 10 земји во светот во кои спроведува клиничка студија на дел од заболените од коронавирусот.