ОСУМ ТЕЛЕФОНИ „ИСПАРИЛЕ“ ОД САЛОН Поранешна вработена присвоила мобилни вредни 600.000 денари
36-годишна струмичанка под истрага поради присвојување службени мобилни уреди
36-годишна жена од Струмица, поранешна вработена во еден мобилен оператор, се соочува со кривична пријава под сомнение дека присвоила службени мобилни уреди вредни околу 600.000 денари.
Според информациите од полицијата, таа во периодот од март до септември 2024 година работела како бизнис агент и имала пристап до мобилни уреди што ѝ биле доверени за службени цели. Наместо да ги додели на фирми со кои наводно требало да склучи бизнис-договори, осомничената, како што се наведува, ги задржала за себе.
За да ја прикрие кражбата, таа на својот менаџер во Гевгелија прикажувала дека ќе склучи договори со пет правни лица од Гевгелија и Дојран, на кои наводно требало да им ги додели уредите како субвенција за нови или обновени кориснички договори.
Во исто време, при редовните месечни пописи во продажниот салон во Гевгелија, недостигот на уредите бил свесно прикриван. На овој начин, според полицијата, на компанијата ѝ била нанесена имотна штета од околу 600.000 денари.
Против жената е поднесена кривична пријава за проневера, а истрагата продолжува.