ОСУДЕНИК СО ЗДРАВСТВЕНИ ПРОБЛЕМИ ЌЕ ИЗДРЖУВА ЗАТВОР ДОМА Втор случај на куќен затвор со алка на ногата
Управата втора година по ред склучува договор за одржување на опремата за електронски надзор и изразува надеж дека таа ќе има поголема примена од страна на судовите.
Управата за извршување на санкциите соопшти дека ја извршува втората судска одлука за замена на казната затвор со куќен затвор со електронски надзор.
За прв пат е донесено Решение за замена на казната затвор со куќен затвор со електронски надзор на лице кои издржувало казна затвор во казнено-поправна установа. Остатокот од неиздржаниот дел од казната во траење од 11 месеци и 28 дена се заменува и ќе се извршува во куќен затвор со електронски надзор. Станува збор за возрасно осудено лице кај кое има сериозни потврдени здравствени проблеми кои било предизвик да се третираат во затворската установа. Решението е донесено од страна на Основниот суд во Струга.
Поставена е алка на глуждот на ногата на лицето, а во случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и определените ограничувања пробациските службеници ќе го известат судот, согласно одредбите од Законот за пробација.
Пробациската канцеларија за подрачјето на Основниот суд Охрид е во постојана координација со надлежните институции во врска со извршување на мерката, а Одделението за електронски надзор 24/7 ќе го следи извршувањето со помош на опремата за електронски надзор.
Овој начин на извршување на казната е поекономичен за државата, а имајќи ја предвид возраста и здравствената состојба на сторителот воедно претставува и похуман начин на извршување на казната, велат од Управата за извршување на санкциите.
Управата втора година по ред склучува договор за одржување на опремата за електронски надзор и изразува надеж дека таа ќе има поголема примена од страна на судовите.
Минатата година беше донесена првата пресуда од Основниот суд Велес со која беше изречен куќен затвор во траење од 3 месеци, на старо и изнемоштено лице.