ОСТРИ РЕАКЦИИ ВО РЕГИОНОТ ПО КОНЦЕРТОТ НА ТОМПСОН ВО ЗАГРЕБ Настанот ги разгори дебатите за усташката симболика

Во Босна и Херцеговина, особено во Сараево, концертот предизвика бурни реакции. Порталот Дневни Аваз го нарече „легитимирање на усташки злосторства во срцето на ЕУ“. Познатата телевизија и медиум „Ал Џезира“ извести дека Томпсон има забрани за настап во повеќе европски држави поради говор на омраза.

2,215

„Дали е ова навистина земја членка на ЕУ која се бори против фашизмот и дискриминацијата, или држава во која фашистичкиот поздрав се смета за ‘традиција’?“

Вака прашува колумнистот Горан Војновиќ за хрватски Индекс коментирајќи го контроверзниот концерт на Марко Перковиќ Томпсон во Загреб. Концертот на кој илјадници фанови славеа со симболи од НДХ ја подели јавноста во Хрватска. Додека критичарите предупредуваат дека биле се легитимирани усташтвото и фашизмот, хрватската влада молчи, а реакциите од регионот и од Европа се сè погласни.






Аплауз за минатото, тишина од институциите

Повеќе од 10.000 луѓе се собраа на хиподромот во Загреб, каде Томпсон изведе песни со содржини кои често вклучуваат усташки слогани. Публиката скандираше „За дом спремни“, а дел од присутните носеа усташки обележја. Полицијата, иако присутна, не интервенираше.

– Замислете да се пее со нацистички поздрав во Германија. Во Хрватска тоа се слави. А Европа молчи – изјави српскиот претседател Александар Вучиќ коментирајќи го настанот.

Владејачката партија ХДЗ во Хрватска не даде официјален став. Некои нивни претставници за медиумите рекоа дека „не се надлежни да коментираат музички настани“.

Оние кои молчат се соучесници

Историчарот Хрвоје Класиќ оцени дека настанот бил повеќе од музика. Тој за Индекс изјави:

– Ова не е концерт на еден пејач – ова е политички настан кој носи многу јасна порака за тоа што дел од општеството смета дека е прифатливо.

Во уреднички коментар, порталот Телеграм исто така го оцени концертот за проблематичен.

„Се одржа масовно собирање на кое без задршка се ширеа усташки симболи и пораки. Политичарите кои молчат се соучесници во релативизацијата на злосторствата“, пишува порталот.

Добредојдовте во 1941 година

Опозициската партија Можемо! во Хрватска беше меѓу ретките што јавно реагираа.

– Фашизмот не е музички вкус. Ова е срамота за државата – рече пратеникот Тео Павлиќ.

Сабина Главадич од истата партија изјави:

– Не смееме да толерираме амбалажирана омраза под форма на забава. Законот мора да биде јасен.

Концертот испровоцира и реакција од познатиот новинар Борис Дежуловиќ кој саркастично напиша:

– Добредојдовте во 1941-ва.

А, публицистот Ивица Ѓикиќ за „Ал Џезира Балкан“ додаде:

– Тоа е симбол на еден национализам кој флертува со фашизмот, но се продава како патриотизам.

Фото: Принтскрин

Загреб е антифашистички град

Реакцијата на здружението на антифашисти ветерани беше јавно објавено во Хрватска: „Срамно е што се користи војничката жртва за промоција на симболи на НДХ. Нашата борба не беше за тоа“, велат од здружението.

Во главниот град Загреб имаше и протест на антифашистички здруженија.

„Нема слобода со усташки симболи“ и „Загреб е антифашистички град“, гласеа дел од транспарентите.

Центарот за справување со минатото – Documenta, во соопштение истакна:

„Државата не смее да дозволи величање на идеологија која предизвика масовни злосторства. Овој концерт е пораз за демократските вредности.“

Томпсон има забрани за настап во повеќе земји на ЕУ

Во Босна и Херцеговина, особено во Сараево, концертот предизвика бурни реакции. Порталот Дневни Аваз го нарече „легитимирање на усташки злосторства во срцето на ЕУ“. Познатата телевизија и медиум „Ал Џезира“ извести дека Томпсон има забрани за настап во повеќе европски држави поради говор на омраза.

Правниците потсетија дека поздравот „За дом спремни“ е прогласен за фашистички со судска одлука. Дозволен е само во строго контекстуализирани случаи, но масовната употреба на концерт ја обезвреднува и таа исклучок-забрана.

Новинарката Јелена Ловриниќ на својот Фејсбук профил напиша:

„Тишината на владата зборува гласно. Ако не го осудуваат ова, значи го прифаќаат“.

Поврзани содржини