ОСТАВКИ ВО ФАРМАЦЕВТСКИОТ ГИГАНТ „НОВО НОРДИСК“ Директорите се скарале со Управниот одбор
Поради несогласувања, претседателот Хелге Лунд, потпретседателот Хенрик Поулсен и членовите Лоренс Дебру, Андреас Фибиг, Силви Грегоар, Кристина Ло и Мартин Мекеј нема да се кандидираат за повторен избор.
По конфликт со контролниот акционер околу идниот состав и насока на компанијата неколку членови на одборот на данскиот фармацевтски гигант „Ново Нордиск“, вклучувајќи го претседателот и потпретседателот, ќе се повлечат од своите позиции.
Компанијата, позната по своите исклучително успешни лекови за дијабетес и слабеење Оземпик и Вегови, вчера објави дека директорите и Фондацијата Ново Нордиск, која е контролниот акционер, не успеале да постигнат договор за идниот состав на одборот, објави CNBC.
Акциите на компанијата, котирана на берзата во Копенхаген, вчера паднаа за 1,3%.
– Менаџментот предложи обнова насочена кон додавање на избрани, нови компетенции, а воедно и одржување на континуитетот, додека менаџментот на Фондацијата сакаше пообемна реконфигурација – изјави поранешниот претседател на Одборот на директори, Хелге Лунд.
Фондацијата Ново Нордиск предлага нејзиниот сегашен претседател, Ларс Ребиен Серенсен, да ја преземе и позицијата претседател на Одборот на директори на компанијата. Фондацијата сакала побрзо донесување одлуки од страна на менаџментот.
Исто така, имало несогласување околу менаџментот за промена на извршниот директор, при што Фондацијата барала брзо назначување, додека менаџментот претпочитал посеопфатен процес.
Ларс Ребиен Серенсен (71), поранешниот извршен директор на компанијата, првично се приклучил на одборот како набљудувач во мај оваа година. Тој сега се кандидира за претседател со две главни цели: да ги поддржи плановите за трансформација на компанијата и да изготви план за назначување нов претседател кој ќе ја води компанијата во 2030 година.
Поради несогласувања, претседателот Хелге Лунд, потпретседателот Хенрик Поулсен и членовите Лоренс Дебру, Андреас Фибиг, Силви Грегоар, Кристина Ло и Мартин Мекеј нема да се кандидираат за повторен избор.
Касим Кутај и членовите избрани од вработените остануваат во менаџментот.
Фондацијата ги предлага Сис де Јонг за нов потпретседател, а Брит Милби Јенсен, Микаел Долстен и Стефан Енгелс за членови.
Преструктуирањето доаѓа во бурна година за Ново Нордиск, која се соочува со растечка конкуренција во областа на лековите за дебелина. Во мај, извршниот директор Ларс Фруергард Јергенсен беше разрешен, а на негово место го зазеде Мајк Дустдар, кој се обврза на „ресетирање“ на компанијата.
Како дел од тој процес, Ново Нордиск планира да намали околу 11,5% од својата глобална работна сила за да ги префрли ресурсите во своите бизниси за дијабетес и дебелина.