ОСТАВЕНИ СМЕ САМИ НА СЕБЕ ПРЕД ВОДЕНАТА СТИХИЈА Градоначалниците се жалат на игнорантскиот однос од Владата
Најдраматично е во Карбинци, каде еден од мостовите на Брегалница попушти под притисокот на водената стихија.
На иницијатива на градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, беше одржан координативен состанок со градоначалниците од истокот, поврзан со неодамнешните случувања во врска со поплавите во делови од земјата, откако по нивна проценка изостанала поддршката од централната власт.
– Најнапред се договоривме да формираме локални кризни штабови, од регионален и општински карактер, го утврдивме оперативниот план со кој се мапираа критичните точки, кои беа на удар од поплавите и ги утврдивме ресурсите со кои располагаме, расположлива опрема и човечки потенцијал. На крајот донесовме заклучок дека треба да се формира комисија за проценка на штетите и да се бара надомест за истите – изјави Папазов.
Градоначалникот на Пехчево Александар Китански, изјави дека во реонот на неговата општина поплавите направиле голема штета.
– Јас како градоначалник на Oпштина Пехчево присуствував на координативниот состанок во Општина Кочани, по нивна иницијатива, мојата општина е засегната од неколкуте поплави кои се случија, претежно на локалитетот Рамна река во Пехчево, во изворишниот дел на река Брегалница, каде нивото на реката беше енормно зголемен, а настанаа големи материјални штети во станбената инфраструктура, викенд куќите, како и во делот на атмосферската канализација која е во тек на изградба, како и големи оштетувања на електричните столбови на ЕВН – вели Китански.
Најдраматично е во Карбинци, каде еден од мостовите на Брегалница попушти под притисокот на водената стихија.
– Поради зголемениот водотек на реката Брегалница кај село Долни Балван се случи попуштање на мостот, односно еден од столбовите е видно попуштен. Истиот ден преземавме активности за отстранување на паднатите дрвја кои што ги донела реката со сопствени ресурси – објави градоначалникот Виктор Паунов.