ОСТАНУВАМЕ ПОСВЕТЕНИ НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ Ќе ги адресираме сите области каде што е забележан застој, рече премиерот Мицкоски

Предизвици постојат во делот на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Политичката поларизација и недоволната соработка меѓу институциите остануваат пречки што ја забавуваат имплементацијата на реформите. Оваа Влада не само што е свесна за тие предизвици, туку веќе работи на нивното надминување – рече премиерот.

102

Премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, се осврна на Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија.

– Овој извештај не е оценка за една година или за една влада, туку за континуитетот на реформските процеси, нивото на институционална зрелост и начинот на кој државата одговара на долгорочните европски приоритети – изјави Мицкоски, нагласувајќи дека Владата останува 100% усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што, како што рече, претставува „важна придобивка за карактерот на меѓусебните односи и доказ за нашата посветеност кон европските вредности“.






Премиерот посочи дека во извештајот не се забележани области со назадување, а во четири поглавја е констатиран „добар напредок“. Особено позитивно е оценето поглавјето „Слободно движење на капитал“, каде што е зголемено нивото на подготовка благодарение на приклучувањето кон SEPA и на спроведувањето на мерките против перење пари и финансирање на тероризам.

– Се разбира, извештајот посочува и на предизвици што државата мора да ги адресира со уште посилна динамика. Предизвици постојат во делот на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Политичката поларизација и недоволната соработка меѓу институциите остануваат пречки што ја забавуваат имплементацијата на реформите.

Оваа Влада не само што е свесна за тие предизвици, туку веќе работи на нивното надминување.

Поставени се нови приоритети за реформа на судството, за зголемување на одговорноста и за воспоставување на јасни критериуми за оценување на судиите и јавните обвинители.

Во делот на антикорупцијата, процесот на целосна дигитализација на јавните набавки и на транспарентноста на буџетските расходи ќе продолжи во 2026 година.

Во однос на јавната администрација, Владата е решена да го прекине долгогодишниот модел на партизација и да воспостави систем во кој компетенцијата и професионалноста ќе бидат единствените критериуми за напредување.

Паралелно, продолжуваат и активностите за подобрување на условите во затворите, за унапредување на човековите права и за социјална интеграција на ранливите категории – наведе премиерот.

Тој повтори дека оваа Влада останува целосно посветена на европскиот пат и на реформите кои ја прават државата посилна, пофункционална и поправедна.

– Ќе ги адресираме сите области каде што е забележан застој, со конкретни мерки, јасни рокови и отчетност. Нашата цел е полноправно членство во рамките на Европската Унија – рече премиерот Мицкоски.

Евроамбасадорот Михалис Рокас, на заедничката прес-конференција со премиерот Мицкоски по порача дека Македонија има силна основа за продолжување на евроинтегративниот процес, но дека е време таа основа да се надгради со нов импулс, единство и решителност.

– Вашата земја навистина помина долг пат во процесот на приближување кон Европската Унија. Основата ја имате, сега е време да ја надградите со обновена енергија, обединетост и посветеност. ЕУ останува со вас на секој чекор од патот, споделувајќи ја истата визија – Северна Македонија како силна, демократска и просперитетна членка на европското семејство – изјави Рокас.

Евроамбасадорот додаде дека во врска со борбата против корупција, потребно е да се измени Кривичниот законик во согласност со препораките. Тој, исто така, рече дека „постои сериозна можност да се започне дијалог и да се продолжи со обврската за уставните измени“. Рокас го нагласи застојот во судските реформи.

– Нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупција, ова останува од суштинско значење да се направи. Трета година по ред во оваа област немаме значителен напредок, а сепак токму тука една нова посветеност може да направи сериозно голема разлика – рече Рокас.

 

Поврзани содржини