ОСТАНУВААТ ДЕЦА И НА 30 ГОДИНИ Приморани од беспарица 200.000 возрасни Босанци живеат со родителите
Според податоците од пописот на населението, домаќинствата и становите од 2013 година, од вкупниот број лица на возраст од 30 и повеќе години, 186.090 живеат со своите родители.
Во Босна и Херцеговина има голем број невработени млади лица, а речиси 200.000 од нив на возраст од над 30 години живеат со своите родители. Голем дел од нив се решаваат да ја напуштат земјата, во потрага по работа во странство, најчесто во земјите од Европската Унија.
– Немаме податоци колку млади луѓе во изминатиот период ја напуштиле БиХ, но според податоците на земјите-домаќини, Босанците најчесто се иселуваат во државите од ЕУ (Германија, Хрватска, Австрија, Словенија, итн.) – соопштија од Агенцијата за статистика на БиХ.
Кога станува збор за невработеноста кај младите во БиХ, анкетата за работна сила во 2020 година покажува дека најголем број се оние на возраст од 20 до 24 години со завршено средно образование. Најголемиот број млади кои завршиле виша школа, факултет, магистерски и докторат, а се невработени, се на возраст од 25 до 29 години.
Истражувањето покажува и дека голем број млади луѓе кои се невработени (на возраст од 20 до 39 години) имаат завршено само основно или се без училиште.
Од Агенцијата напоменуваат дека станува збор за податоци од анкетата за работна сила, која се спроведува согласно регулативите на ЕУ и не треба да се споредуваат со податоци од евиденцијата на Заводот за вработување поради методолошки разлики.
– Според податоците од пописот на населението, домаќинствата и становите од 2013 година, од вкупниот број лица на возраст од 30 и повеќе години, 186.090 живеат со своите родители. Во оваа бројка се вклучени лицата кои живеат со двајцата родители или само со еден – велат од Агенцијата за статистика на БиХ.