ОСТАНАА САМО ПЕТ ОД ДЕВЕТ СУДИИ ВО УСТАВЕН Правдата е под знак прашалник
Сериозна ќе биде состојбата доколку судот биде доведен да одлучува во неколку исклучителни ситуации за кои е нужно двотретинско мнозинство, односно шест судии, тоа е случај за имунитет и одговорност на претседателот на државата и избор на претседател на Уставен суд. Оваа состојба веќе се одразува со негативен ефект врз работата на Судот. Изминатиот период беа целосно одложени 11 предмети за кои се чека полн состав, изјави денеска на прес-конференција Добрила Кацарска, актуелната претседателка на Уставниот суд.
Единаесет предмети досега биле одложени за судење бидејќи Уставниот суд не работи во полн состав, односно функционира само со третина од судиите, информираше денеска на прес-конференција претседателката на Судот Добрила Кацарска. Таа апелира веднаш да се изберат нови судии, бидејќи со сегашните пет останати доведен е во прашање кредибилитетот на институцијата.
Уставот како највисок акт предвидел дека во името на граѓаните ќе одлучуваат девет судии. Ако за брзо не се изберат четворица нови, прашање е како Уставниот суд ќе го брани Уставниот поредок.
– Судијата Сали Мурати кој беше претседател до 2 јуни, два месеци пред да истече нивниот мандат писмено се обрати до претседателот Џафери и го извести дека на тројца судии им завршува мандатот. Во ноември се обратив писмено повторно до претседателот на Собранието, Талат Џафери да го известам дека од 14-ти јануари завршува мандатот на уште еден судија. Се обидувам во непосредни комуникации со министерот за правда, Бојан Маричиќ, со Џафери, да замолам да што поскоро се изберат судиите на Уставен суд. Но, моите ингеренции завршуваат тука – рече Кацарска.
За да има одлука, како што посочи таа, потребни се најмалку петмина судии, но никој не може да гарантира дека сите петмина ќе бидат едногласни во одлуките, а и не е правило затоа што квалитетните одлуки се засновани врз дебата, различни мислења и толкувања.
– Сериозна ќе биде состојбата доколку судот биде доведен да одлучува во неколку исклучителни ситуации за кои е нужно двотретинско мнозинство, односно шест судии, тоа е случај за имунитет и одговорност на претседателот на државата и избор на претседател на Уставен суд. Оваа состојба веќе се одразува со негативен ефект врз работата на Судот. Изминатиот период беа целосно одложени 11 предмети за кои се чека полн состав. Полн состав чекаат деловникот за работа на Владата, предмети за слободи и права, закон за ЈО, закон за даноци за моторни возила за данокот за конзуларни претставници, закон за процена, одлука за додатокот на пратениците, ДУП Гостивар, закон за облигациски односи, закон за високо образование итн – изјави Кацарска.
Во однос на прашањето дали смета дека тоа што не се избираат уставните судии е еден вид на политички притисок, Кацарска изјави дека смета оти не се работи за политички притисок, туку, како што рече „едноставно имам чувство како да Собранието сака да го игнорира Уставниот суд, како да не ја знае едноставно улогата која е на Уставниот суд“.