Остана ли македонски деец кој Бугарите не стигнаа да го присвојат?

Од мојот Татко сум го добила сознанието за себе дека сум Македонка. Ако некогаш ми рекол дека е тој Бугарин, односно дека сум јас Бугарка, денеска, гордо би застанала кон таа национална припадност и би го бранела таквиот мој идентитет.

3,272

Бугарскиот современик д-р. Георги Даскалов, професор на Историскиот факултет во Софија по предметот „Историја на Балканските народи“, во своите книги: „Меѓу реваншизмот на Атина, Македонизмот на Белград и нихилизмот на Софија“ – издавач: Македонски научен институт, Софија, 2007 г.; „Учеството на Бугарите во Егејска Македонија 1936-1946 г.“ (политичка и воена историја) – Софија 1999 г., кои се однесуваат за поновата историја на Егејска Македонија, се позанимавал со моето семејство, посебно со ликот и делото на мојот Татко – Паскал Калиманов – Добролитски како „продолжувач на духот на Илинден, и ВМРО-вското дело на својот татко – Костурскиот војвода Никола Христо – Добролитски“…, објавувајќи во книгите и некои фотографии од Татко, под кои стои натпис „…истакнат Б’лгарски деец“…; и „…еден од создавачите на Бугарската политичка организација во Егејска Македонија во текот на војната – Македонско – Бугарскиот Комитет…“.

Тоа е чиста лага. Ограничен ми е просторот за повеќе содржина и коментар. Затоа, кратко ќе наведам:






– Таков Комитет, со такво име, од страна на мојот Татко и другите, не е формиран… Таков не постоел! Тоа е фалсификување и присвојување на македонска историја и „бугаризирање“ на македонските дејци, каков што бил Татко и многу други. Авторот никогаш не се консултирал со мене иако знаеше дека постојам… ниту побарал од мене како од негова ќерка било какво објаснување или податоци. Од тие причини, по однос на Татко (за информациите кои ги прибирал), во книгите искажува благодарност кон некомпетентни луге. Тоа е негов проблем. И дилемите нека останат негови. Јас ја знам вистината која тој се плашеше да ја побара и сознае од мене, што значи дека не му требала!

Постоењето на „Македонско – бугарски комитет“ се потврдува и во повеќе други бугарски историски книги, како што е таа на Иван Шандански насловена како „Вооружената самозаштита на Бугарите во Егејска Македонија, март – септември 1943 година“. И во таа книга, (стр. 44-46 и 60-74),  како и во други книги издадени од бугарски историчари по однос на Македонците во Егејска Македонија, дадено е историско значење (за Бугарите) на овој револуционерен Комитет, со потенцирање дека во Егејска Македонија живееле и се бореле за сопствено (само)ослободување – Бугари. Македонци не се споменуваат. Во книгата, од страна на писателот Татко е наречен – „…еден од  нај “с’будените“  Бугари  во Костурско…“.

Од мојот Татко сум го добила сознанието за себе дека сум Македонка. Ако некогаш ми рекол дека е тој Бугарин, односно дека сум јас Бугарка, денеска, гордо би застанала кон таа национална припадност и би го бранела таквиот мој идентитет.

Во скудните лични документи на Татко кои и денеска ги чувам, приклучив еден записник (копие) од неговото сослушување пред УДБА од 13.06.1946 година (Архив на Македонија, Скопје), по однос на формирањето на (како што стои) – „Централен ВМРО-вски Македонски Комитет, во 1943 година, за Костурско“, во чие формирање учествувал. Во тој записник, по однос на прашањето – „Што знаете да кажете во врска со Комитетот?“, Татко, ставајќи го прво своерачниот потпис, одговорил: – „Во врска со Македонскиот Комитет во Костурско, јас како член на Централниот Комитет во Костурско, можам да го кажам следното: – Во 1943 година, во месец февруари, Италијанците почнаа да ги наоружуваат Просвигите кои се доселени во нашите места од Мала Азија и кои нè клеветеа при Италијанците како комунисти и Бугари…“.

Од Татковото излагање произлегува дека се работи за Македонски Комитет кој дејствувал во Костурско, со образложен став по однос на причините за формирање на овој Македонски револуционерен Комитет и неговото делување.

Од Архивот на РМ имам прибавено и копие од два зписника од 19.06.1947 г. (бр.112500 14064) и од 01.09.1947 г. (бр.112500 031047 65/47), во кои, е наведено, меѓу другото, дека е следен како „… стар ВМРО-вец…“.

Најдов од Татко сочувана и една фотографија, заедно со Васил – Мусулини и Паскал – Грбо, од времето (меѓу 1946-1950 година) поминато во „изолација“, некаде во кумановско(?)… мислам… – манастирот во Матејче…(?) Од дома не знаевме каде е!

Македонскиот современ писател и историчар – историографски критичар Стојан Кочов (самиот учесник во ДАГ… повоено протеран талкач… живеелел и се школувал во СССР , сè до неговото враќање во Македонија во 1957 година…), во своите историски романи и историско – политички документирани писанија, Татко го прикажува како негов истомисленик по однос на Македонското прашање –  деец за Македонија, и како што вели – достоен син на неговиот татко – војводата Никола Христо – Добролитски, давајќи посебен нагласок и акцент на историскиот факт, дека – Бугарите, сите дејци на Македонија, било да се револуционерни, културни или од било која област истакнати личности, дрско ги присвоиле и именувале како Бугари, негирајќи ја со тоа постоењето, пред сè, на Македонската нација.

Тој, за Костурскиот Комитет опширно пишува, а меѓу другото и следново:

„… Првиот отпор против грцизмот по поделбата на Македонија (1913-1919), за зачувување на македонската самобитност, илинденските идеали и традиции, се манифестира на 5 Март 1943 година, кога во Костур било свикано Собрание од 48 члена Македонци, на кое имало претставници од повеќе села од Костурско. Подоцна се придружиле и од Леринските и Воденските села…

… Било решено да се оформи организација под името „Македонски комитет за Костурско“, и, формирана е првата вооружена единица – „Комити на Македонија под Грција“. Тие набрзо се појавија во 54-60 села, и нивната бројка беше 9.850 вооружени селани, сите потомци на Илинденците, наречени Комити. За водач – командант на вооружената војска е одреден војводата Паскал Добролитски…

…Македонските комити во Костурско не се формираа против левите сили (КПГ, ЕАМ и ЕЛАС), туку за самоодбрана на македонското самобитие и достоинство од вооружените грчки националистички банди – ПАО-ПАУЏИТЕ – Сегрчка ослободителна организација која ја сочинуваа поранешни полициски началници и офицери на грчката армија, кои, како соработници на Германците, во 1943 година, против Македонците ги употребуваа истите злочинечки методи на Андартите од 1900 година промовирани од владиката Каравангелис, митрополит на Костурската епархија, познат по најсуровите методи што ги вршел, во акции за погрчување на Македонците, заедно со Павлос Мелас, началник и организатор на грчките андартски чети…

…Токму формирањето на „Костурските комити“, беше повод за страшните критики што им беа изречени на Секретарите во реоните на Македонија – Северна Грција, на Пленумот на ЦК на КПГ. Тие, наводно, дозволиле да им се изгубат од контрола најзакрвавените непријатели  и душмани на грчкиот народ… Веста стигнала дури до врвот на Кремељ…

Лидерот на КПГ, Сантос, побарал итни разговори со високиот претставник на КПЈ – Темпо, и во Август 1943 година, се согласија да се формира македонската организација СНОФ (Слвјаномакедонски народноослободителен фронт) и неговиот вооружен дел СОВ (Славјаномакедонска ослободителна војска), со Македонци од редовите на ЕЛАС – Еласити, со единствена цел – да ги уништат Комитите…

…На 20 Октомври, Грците – КПГ ја формира СНОФ во селото Синичани – Костурско, од секретарот на Обласниот комитет за Западна Македонија – Христос Калфас (Андреас), секретарот на Окружниот комитет за Костурско – Андонис Андонопулос (Периклис) и секретарот на Окружниот комитет на Кожанско – Танасие Карцунис….

…Така почна… – Итро и полека се разгоре братојадството меѓу Македонците, поделени како комунисти на КПГ – војници во редовите на ЕЛАС – Еласити, и Комитите, војувајќи еден против друг… за Грците да не си ги валкаат рацете…

…Сето тоа беше со перфидна умисла –  Грците да ги разбијат и привлечат Комитите, со уверување дека, веќе се формирани македонски организации… Со овој подмолен процес ќе почне примамата на Комитите, сè до нивната ликвидација, како акција против сите непријатели – активистите, прикриените и потенцијалните, што сакаа „Обединета Македонија“….

….За шест месеци од своето постоење, организацијата СНОФ, во Костурско, успеа да придобие најголем дел од Комитите и се омасови во своите редови со повеќе од 4.770 членови (од тие што останаа неотепани), што значи –  Македонците поверуваа на грчката режирана  лага,  дека –  „СНОФ е единствената народноослободителна организација што ќе ги исполни националните и социјалните барања на Македонскиот народ под Грција“. – Така пишувало во „Славомакедонски глас“, бр. 3, Април 1944 година. Со пропагирање: – „…СНОФ е НОВАТА ВМРО на Македонците, што ќе го доведе до крај делото на Илинден…“.

…Затворите се полнеа со Костурски Комити… Со измама беа совладани Комитите во сите Костурски села… Собирани во логор на планината Вичо… каде преку ноќ беа колени со андартски нож, или убивани во групни егзекуции, ловени по планините Вичо, Полјаната, Лисец, Рунзел… сè до Пелистер. Еласитите кажуваа дека ги убивале Комитите со истрел во глава, за да бидат сигурни дека се мртви…

…Паралелно… – Злосторствата направени од Андартите: Баскакис, Коларис, Периклис и Левтерос, беа многубројни. Во селото Галишта, група фанатизирани Андарти ги тепале невините селани до смрт (март 1943 г.). Во селото Горенци, некојси Коларас заклал 12 селани, а истото го сториле и во Куманичани (март 1943 г.), и во Четирок, Тиквени, Добролишта, Шестево, Врешница, Зузел, Езерец…

…По уништувањто на Комитите, во Април 1944 година, КПГ донесе одлука за расформирање на СНОФ и СОВ, како веќе непотребни. Решението на КПГ за формирање и расформирање на организациите, не само што се покажа како измама и груба манипулација со Македонците против Македонците, туку и совршено политичко и физичко ликвидирање на Македонците и елеминирање на македонското политичко прашање во Грција, од светската политичка сцена…

…Практично, се оствари барањето за „грчко национално единство“ на грчката влада во бегство… на кое се приклучи и КПГ, на 20 Мај 1944 година, кога го потпиша познатиот капитулантски договор, со кој се запечати судбината на војувањето….

…На 26 Септември 1944 година, во  италијанскиот град Казерта потпишан е уште еден договор меѓу КПГ, ЕАМ и ЕЛАС и грчката влада во бегство на чело со Папандреу и Британскиот штаб за Среден Исток. Склучен е и договорот од 12 Февруари 1945 година, во Варкиза, меѓу Владата на Пластирис и британскиот генерал  Скоби… со кој власта е предадена на десницата…

…Последиците од овие договори најмногу ги почуствуваа Македонците под Грција, против кои грчката десница спроведе невиден терор, со цел да ги протера од границите на грчката држава. Тоа важеше како за Снофитите, така и за Комитите…

…Така, се реализира и идеата на англискиот амбасадор Л. П. Липер, од 1941 и 1944 година, за протерување на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, кое започна во текот на Втората светска војна, а заврши до крајот на Граѓанска војна  1946 – 1949 – цели десет години… “.

Погорниот текст, во испресечени делови е преземен од историскиот роман на Стојан Кочов „Големото враќање на талкачите“ – Современост, 2006 год.

 

————-

 

Во историскиот роман „Казна без вина“ со поднаслов – „Слово на братојадството и патот на проколнатите“ издаден од М. Македонска 2001 г., од истиот писател, во опширно напишаното за Костурските Комити, еден од впечатливите ликови е Татко – Паскал Добролитски. Ќе прикажам  неколку кратки и испресечени содржини од книгата:

– “…Тоа беше во илјада деветстотини четириесет и третата, на 5 март, кога се формира Македонскиот Костурски Комитет и првите Комити…

…Песната што ечеше тој ден изразуваше љубов спрема убавиот Костур, кој ги преживуваше најнемирните денови од неговото повеќевековно постоење, љубов спрема родниот крај, минатото на својот народ и Илинденците: – Чакаларов, Поп Трајков, Митре Влаот, Пандо Ќљашев, Кољо Добролитски, и сè така, војвода до војвода…

…Песната ја прифатија и рибарите, а по нив надојдоа многу народ. Некој од толпата почна да вика: – Една е Македонија и ние мора да бидеме заедно… имаме една судбина, заедничко минато и иднина… – Ура! Ура! Да живее Македонскиот Комитет и оваа Македонска војска што е составена од синови и внуци на Илинденците…

———

…Тоа беше на 2 август илјада деветстотини четириесет и третата. Муграта се лачеше од езерото и ветерот лелееше занесени звуци…

… Тогаш се појавија Костурските kомити поминувајќи низ огромната толпа луѓе. Стегнати во шајачни комитски облеки, со бели клашни, со нарамени манлихерки и полни гради од низи со патрони и со чуство на национална припадност… Се слушна песна од убав машки глас: – „Од гроб станаа славните јунаци…“ а по него пееја сите Комити од подредената Македонска војска. Песната ја прифатија и многу луѓе од големата толпа и чиниш се распеало цело Костурско…

…На чело на колоната со непокор, восхит и доблест беа: Паскал Добролитски, Кољо Шестеварски, Васил Мањатски – Мусулини, Пандо Четирски, Лука Дреновски, Динето Черешнитски, Гиљето Сетомско… и по нив се редеа многубројни чети од педесет и четири села: – Апоскепската, Сетомската, Тиолиската, Кондоранската, Личичката, Горенската, Бобитската, Олитската, Загоришчанската, Црновската, Поздивската, Кономладската, Дреновската, Добролитската, Четирската… и редум така една по друга…

…Штом се наредија четите, војводата Добролитски го бодна коњот, излезе пред војводите и му се обрати на илјадниот народ:

…Денес е Илинден и е ден на иднината, за афирмација на македонското национално битие… Дрги браќа! Дојде часот кога мора да им се рече „доста“ на сите црни банди кои сеат смрт по нашите села…

…Драги Костурчани! Времето ќе ги изгази рамнодушните, и ќе ги остави зад себе спорите и себенесвесните за татковинското и ќе ги презира колебливците. Секој е ковач на своето време… ако е способен да биде Македонски Комита, нека повели во оваа илјадита војска за одбрана на достоинството на Македонскиот народ. Ако тоа не го стори сега, тогаш друг ќе му ја искова судбината…“.

Писателот го доведува при крај својот роман со констатацијата: „Од дамно време низ недоодени друмови, туѓинци ни ја рабеле судбината и затоа КАЗНАТА БЕЗ ВИНА не почнала со нас, со нас нема ни да заврши“.

 

Еве и еден поздрав од мене,  од мојата збирка песни „Белиот бран“ објавена во 2010 година:

 

КОМИТИ И ПАРТИЗАНИ

 

Се раздели’ме, се размина’ме

со размавта’ни тупани’ци и псости

и по некој прицмеј

место сроне’та клетва.

Без срам и без жаљ,

од нас,

чрн – гламно’сан облак

над нашио Костур остави’ме.

Кај ена плани’на

– удве, рофја не’ продламбо’чи,

барикади од двете страни

на истио рид крена’ме

и ени на други

– фашисти и предавници –

вика’ме.

 

И кога па’, одново се срети’ме

во Ташкент, Тулгеш, Крајова,

Торонто, Скопје…

се стрчи’ме,

братски се прегрна’ме,

со зајден опуљ, се испули’ме,

се препозна’ме,

и си призна’ме –

дека сами себе се обесчести’ме.

 

(На сите комитаџии и партизани

кои откако знам за себе,

се обвинуваа:

– Ти се бореше од ОНАА страна

на барикадите…

Која беше правата „страна“,

дали некогаш разбраа?!)

 

 

Јагнула Паскал Куновска

 

Поврзани содржини