ОСОМНИЧЕНИОТ СЕРИСКИ УБИЕЦ ЌЕ ОДИ НА ПСИХИЈАТРИСКО ВЕШТАЧЕЊЕ Продолжува истрагата за убиството во Старо Нагоричане

Обвинителството соопшти дека се собираат докази, а осомничениот ќе биде подложен на психијатриска проценка.

207

Во тек е истрагата за осомничениот за убиството од општина Старо Нагоричане, соопштија денеска од Јавното обвинителство за МИА. Оттаму информираат дека Основното јавно обвинителство Куманово и сите надлежни институции преземаат дејствија за обезбедување докази за целосно расчистување на настанот и посочуваат дека вештиот наод од обдукцијата сè уште не е доставен до Обвинителството. Во наредните денови, како што велат, ќе следи и психијатриска проценка на осомничениот од тим експерти.

— Основното јавно обвинителство Куманово и сите надлежни институции и органи преземаат голем број дејствија за обезбедување докази за целосно расчистување на настанот. Осомничениот е обезбеден и во следните денови ќе следи негова психијатриска проценка од тим експерти. До овој момент вештиот наод од извршената обдукција на ексхумираното тело не е доставен до јавниот обвинител. Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случајот, но во оваа фаза од постапката, во интерес на истрагата, не може да се споделуваат повеќе детали — соопштија од ЈОРСМ.






Полицијата од Куманово претходно информираше дека на 12 февруари осомничениот влегол во домот на 78-годишна жена во селото Драгоманце, општина Старо Нагоричане, физички ја нападнал и ја задушил со перница.

Полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишија од слобода Т.Б. (25) од селото Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело убиство по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничи дека на 12 февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и ја задушил со перница М.С. (78) од селото Челопек, по што таа починала на местото на настанот.

Жителите на руралната општина Старо Нагоричане велат дека живеат во страв и неизвесност по апсењето на 25-годишникот од Малотино. Поради страв, дел од семејствата ги повлекле повозрасните родители од селата, додека оние што останале велат дека се загрижени за својата безбедност. Повеќето жители го познавале осомничениот и тврдат дека се движел со велосипед низ селата и чувал добиток.

— За надминување на стравот во овие мали средини потребно е да се организира поголема групна поддршка од стручни лица. Многу е важна и достапноста на институциите. Во вакви средини постои стигма за барање психолошка помош, затоа институциите треба континуирано да даваат поддршка и информации за да се намали паниката меѓу населението — изјави д-р Ана Мадиќ Костовски, психијатар од кумановската општа болница.

Таа додава дека групната поддршка може да помогне во справувањето со стравот и нагласува дека без вештачења не може да се постави дијагноза.

— Без претходни психолошки тестирања и вештачење од стручни лица не можеме да даваме конкретна дијагноза за лицето. Но кога мета се повозрасни, физички послаби жени, често се разгледуваат можни антисоцијални обрасци, потреба за контрола, сексуални фрустрации или нарцисоидни елементи. Жителите тврдат дека бил мирен и повлечен, но тоа не е невообичаено — изјави докторката.

Психијатрите препорачуваат жртвите и нивните семејства да побараат лекарска помош доколку почувствуваат симптоми на посттрауматски стрес, како несоница, главоболки и срцебиење. Од Центарот за социјални работи Куманово информираат дека осомничениот не бил корисник на ниту едно право.

Поврзани содржини