ОСМИОТ ПАТНИК ВНЕСЕ ЗАБУНА Ќе се споредуваат листите со патниците
Бугарското обвинителство ќе ги споредува листите од граничните премини за влез на патници од Македонија во Бугарија на 18.11.2021 година и листите за влез од Турција во Бугарија на 22.11.2021 година и излез од Бугарија кон нашата земја наредниот ден.
Веднаш по денешната прес-конференција на бугарските органи на истрагата во врска со сообраќајната несреќа што се случи завчера на автопатот „Струма“, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде усна наредба до СВР Скопје да ги обезбеди листите на патници кои со автобуси на „Беса транс“ ја напуштиле Република Северна Македонија на 18 ноември 2021 година и листите на патници кои влегле во државава на 22 ноември 2021 година, информираа од Јавното обвинителство.
„Обезбедувањето на листите од граничните премини е со цел да се направи споредба на патниците, бидејќи според изјавата на обвинителот Сарафов недостасува еден патник од запалениот автобус. Истата постапка ја спроведува и бугарското Обвинителство кое ги споредува листите од граничните премини за влез на патници од Република Северна Македонија во Република Бугарија на 18.11.2021 година и листите за влез од Република Турција во Република Бугарија на 22.11.2021 година и излез од Република Бугарија кон нашата земја наредниот ден“, се наведува во соопштението Обвинителството.
Бугарските обвинители денеска соопштија дека нашле останки од 44 тела, дека еден од патниците тврдел дека се спасиле 8 лица, а во болница се лекуваат седуммина што внесе извесна мистерија во случајот. Кој е и каде е осмиот преживеан во несреќата, е прашањето кое денеска ѝ даде нов тек на истрагата.