Османи: Во нашиот календар, термин за почеток на преговорите е јуни
Очигледно дека имавме јасна недвосмислена поддршка од 26 земји членки за текстот на преговарачката рамка и за почеток на преговорите уште минатата година, но треба согласност од сите 27 земји за да може да се усвои текстот и да се одржи првата конференција, рече министерот за надворешни работи.
Сметаме дека првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите треба да се одржи веднаш и без одлагање и работиме тоа да се случи уште во јунскиот самит на ЕУ, рече на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Мислам дека клучната порака од вчерашната резолуција е дека Република Северна Македонија испорача и дека сега е време на ЕУ да ја испорача и сите вакви резолуции, заклучоци, информации на европските институции само ја потврдуваат европската перспектива на државата – нагласи Османи.
Сепак, додаде, политиките за проширување во ЕУ, се носат со консензус, ќе мора согласност од сите земји членки.
– Очигледно дека имавме јасна недвосмислена поддршка од 26 земји членки за текстот на преговарачката рамка и за почеток на преговорите уште минатата година, но треба согласност од сите 27 земји за да може да се усвои текстот и да се одржи првата конференција – рече Османи.
Во овие последни денови пред изборите во Бугарија, рече, можам да посакам успешни избори таму и брзо формирање на институциите со цел да да продолжиме со комуникацијата во делот на дефинирање на терминот за состанокот на првата меѓувладнина комисија и со тоа да се дефинира тој акциски план кој го предвидовме во рамки на таа соработка.
– Не верувам дека во овие неколку дена пред изборите кои се таму наредната недела дека може да се направи суштински напредок – заклучи Османи.
Нагласи дека во нашиот календар, таргет термин за започнување на преговори е јунскиот самит на ЕУ, а според него, сите земји членки работат на постигнување на овој временски таргет, односно отпочнување преговори во јуни.
– Мојот впечаток е дека и во португалското претседателство, но воопшто и кај другите земји членки сериозно се сфаќа потребата за итно, неодложно почнување на преговорите со РСМ и мислам дека во оваа фаза тоа веќе не е само прашање на убедување и волја, туку е преведено и во конкретни чекори. Јас очекувам тие конкретни чекори да се материјализираат брзо во наредните недели – рече Османи.
Во однос на историската комисија, Османи истакна дека редовно се одржуваат состаноци, меѓутоа текстот за годишниот извештај се уште не е усогласен.
– Комисијата редовно одржува состаноци, претставници на комисиите се состануваат редовно за следните средби, но и да го усогласат текстот за годишниот извештај, кој за жал уште не е усогласен, но има мал напредок на секоја средба. Важно е средбите да бидат почести да се усвои текстот на извештајот за следната недела да може да го иницираме датумот за одржување состанок на Комисијата – додаде Османи.