ОСМАНИ УВЕРУВА ДЕКА НИШТО НЕ СЕ КРИЕ ОД НАРОДОТ Кога ќе има нешто прифатливо, прво ќе информираме, потоа ќе одлучиме
„Се поставува теза дека тајно се продаваат интереси во спорот со Бугарија. Тоа не е така. Граѓаните треба да бидат спокојни, опозицијата наметнува страв дека нешто скришно се прави. Тоа не е точно“, изјави министерот за надворешни работи на Канал 5.
Ништо не се крие за пакетот 5+1. Тоа што не е претставен како документ е затоа што се работни верзии кои се разменуваат како нон-пејпери и тогаш не се објавуваат.
Ова го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, во врска со македонско-бугарските односи.
– Во моментот кога некоја формулација ќе биде прифатлива за двете страни, прво ќе се информираат пратениците, претседателот и јавноста, па ќе се даде нашата одлука. Се поставува теза дека тајно се продаваат интереси, тоа не е така, системот на преговори не е поставен така. Граѓаните треба да бидат спокојни, опозицијата наметнува страв дека скришно се прави. Тоа не е точно. Пред било која одлука, ќе бидат транспарентно информирани – истакна Османи.
Министерот утре ќе ги информира членовите на собраниската Комисија за надворешна политика за текот на разговорите и севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Седницата ќе биде отворена за јавноста, на негово барање, затоа што, како што рече, „нема што да криеме од граѓаните“.