ОСМАНИ ТВРДИ ДЕКА ВО РАМКАТА СО ЕУ ЌЕ НЕМА ФУСНОТА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Бугарија во изјава ќе напише дека не постоел до 1945
Разлика помеѓу прифатливот германски и новиот француски, според министерот за надворешни работи, е апсолутна тафтологија и е прашање на формулација на реченици. Османи вели дека е лага дека историските прашања, билатералните прашања се влезени во францускиот предлог различно од кои било други предлози.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на брифинг со новинари изјави дека прашањето на македонскиот јазик е решено и дека треба да се „демонтираат“ сите лаги поврзани со него. Османи тврди дека во рамката што треба да биде потпишана со Европската унија ќе стои дека Северна Македонија ќе го преведе законодавството на македонски јазик исто како и во рамките на други земји. Својот став Бугарија ќе го искаже во изјава која ќе влезе во записникот, а според него, таа ќе биде изјавата што беше срочена во рамки на Португалскиот предлог.
– Ги убедивме 26-земји членки да ја прифатат нашата верзија со дозвола на Бугарија – рече Османи.
Бугарија, како што тврди, ќе го искаже ставот во изјава согласно Португалскиот предлог односно дека македонскиот јазик не постоел до 1945 година и дека бил еден од нивните дијалекти. Северна Македонија, вели Османи, во записникот ќе има исто така изјава.
Министерот за надворешни работи вели дека и вчера, но и денеска сака да ја демонтира „логиката дека треба да останеме блокирани за да не не блокираат во иднина, која што е на некој начин нелогична фраза сама по себе и граматички, но и суштински. Бидејќи од стравот да не не блокираат да останеме блокирани, тоа е за мене ирационално и штетно“.
Ирационално и штетно е да се тврди и дека ќе има смена на идентитет, бугаризација… Напротив, вели шефот на дипломатијата, се затвора еднаш засекогаш прашањето за јазикот, кој беше оспруван од некои во ЕУ.
Османи на брифингот со новинарите објасни како се одвивале разговорите односно што и зошто така стои во рамката, појаснувајќи дека таа се усвојува истиот ден кога ние ќе кажеме „да“ за пакетот.
– И тука се затвора Уставот на преговарачкиот процес. Тоа е документот којшто нас не врзува веќе со ЕУ. Во таа рамка пишува чист македонски јазик без никакви додавки и од тој момент станува официјален јазик на ЕУ во преговарачкиот процес, а потоа со членството во ЕУ – потенцира Османи.
Тој наведе дека Бугарија сакала да го нема тој параграф воопшто и оти се повикувле на црногорскиот модел.
-Во овој устав вели: „Северна Македонија ќе обезбеди превод на европското законодавство на македонски во текот на преговарачкиот процес“. Земете ја српската рамка – е истиот параграф. Сега Република Србија ќе обезбеди превод на европското законодавство на српски јазик. Земете ја албанската, земете ја црногорската, апсолутно иста формулација за јазикот. Ако ова не е најголемата победа во процесот, ако ова некој го смета како еден спореден ефект затворање засекогаш на прашањето на јазикот после ОН сега и ЕУ никогаш, никаде нема да има спор по однос на јазикот. И сега со завршените други прашања тука се завршува прашањата на јазички, идентитетски – се завршува во рамката, рече Османи.
Министерот потенцира дека за јазикот сите шпекулации дека има фуснота, сите шпекулации дека има какви било квалификации во рамката, се неточни и лажни.
– Да, има еднострана изјава на Бугарија, но не во рамката, туку во записникот. Сметајте како ова да е состанок во којшто ја усвојуваме рамката, некој тука ќе каже да, ама јас имам мислење. Записничарот вика кажа вакво мислење, но тоа не влегува во документот, не влегува во заклучоците. Едноставно записничарот пишува дека некој кажал нешто и тоа еднаш и никогаш повеќе. Тоа е португалскиот предлог – нема никакви правни импликации по употребата на јазикот, кон интерпретација на јазикот. Можам најодговорно под целосна одговорност да кажам дека ова е чисто прашање и сите коментари по однос на јазикот се лажни, манипулативни од суета, од непознавање и сите други можни аргументи, но вистината е ова – во рамката се официјализира македонскиот јазик како таков и влегува дел од 25-те европски јазици, рече Османи.
Според него, лага е исто така дека билатералните прашања односно дека историските прашања влегуваат сега во рамката, зашто тие биле сeкогаш дел од рамката. Тоj ги спореди германскиот и сегашниот предлог. Османи вели дека Уставот ќе биде отворен, но откако ќе помине првата меѓународна конференција и оти во него ќе влезат Црногорците, Хрватите и Бугарите.
– Добиваме историска рамка да ги почнеме преговорите утре, задутре кога сакаме ние, да почнат да доаѓаат фондови, да смениме курс на државата – рече Османи.
Разлика помеѓу прифатливот германски и новиот француски, според министерот за надворешни работи, е апсолутна тафтологија и е прашање на формулација на реченици.
– Лага е дека историските прашања, билатералните прашања се влезени во францускиот предлог различно од кои било други предлози – рече Османи.
Тој на денешниот брифинг со новинарите рече дека е лага дека билатералните прашања односно дека договорите со Бугарија се внесени во рамката со сегашниот европски предлог, потенцирајќи дека тоа било со сите предложени рамки досега.
Неприфаќањето на овој предлог, според Османи, значи одбивање на можноста прашањето на македонскиот јазик да се затвори еднаш и засекогаш, одбивањето значи заглавување во балканската кал со сите можни последици овде и губење засекогаш перспективата на ЕУ.