Османи: Помош за справување со ковид-19 пристигнува од сите страни на светот
Вицепремиерот ги претстави и анализите и прогнозите на владата за социо-економските последици кои се очекуваат, како и можностите за донаторите преку поддршка и билатерална соработка да ѝ помогнат на земјата во справувањето и со овие предизвици.
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи во улога на Национален координатор за распределба на странска помош во земјава оствари видео-конференција со билатералните донатори.
Пред учесниците на денешната видео-конференција Османи накратко реферираше за последните актуелности поврзани со ковид-19, како и за мерките и активностите на владата за справувањето со оваа глобална пандемија, информира Секретаријатот за европски прашања.
– Дозволете на почеток, во името на владата, да изразам огромна благодарност за досегашната помош која пристигнува постојано од сите страни на светот. Тоа покажува дека и покрај силниот интензитет на кризата, тоа не го менува долгорочниот пријателски однос и досегашната успешна соработка. Искрено верувам дека овие активности и успешните меѓусебни односи ќе продолжат и во иднина, со што не само што полесно ќе се надмине кризата, туку со заедничките напори, соработката и взаемната поддршка ќе излеземе посилни од неа – истакна Османи.
За време на Донаторската конференција Османи ги претстави приоритетите и потребите на земјава во борбата со епидемијата ковид-19, како и за справување со предизвиците кои произлегуваат од оваа криза. Во оваа насока вицепремиерот ги претстави и анализите и прогнозите на владата за социо-економските последици кои се очекуваат, како и можностите за донаторите преку поддршка и билатерална соработка да ѝ помогнат на земјата во справувањето и со овие предизвици.