ОСМАНИ НЕМА ПРАВО ДА ГИ ТОРМОЗИ ВРАБОТЕНИТЕ ВО КОНЗУЛАТИТЕ Неговата кампања е противзаконска, оценува дипломатскиот синдикат
„Ве повикуваме да се прекине со оваа пракса на самопромоција и перманентно кршење на законите кои ја дефинираат и штитат дипломатската служба“ – се вели во отвореното писмо на Македонскиот дипломатски синдикат.
Вонредната контрола на амбасадите и конзулатите и документирањето на овој процес, со цел да се потенцира вашата „загриженост” за ефикасноста на работата на ДКП, е целосно неприфатлива и противзаконска – пишува Македонскиот дипломатски синдикат во отворено писмо до министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Вашата министерска позиција не ви дава право на увид во сè уште неиздадени лични документи, што е во целосна спротивност на Законот за заштита на личните податоци, уште повеќе што истите ги објавувате на вашиот фејсбук-профил.
Дополнително, сакаме да ви укажеме дека давање инструкции за работа во смени како и работа во викенд е во целосна спротивност со Законот за надворешни работи како и Колективниот договор за јавната администрација.
На крајот, сите се залагаме за македонските државјани да добијат документи час поскоро, но од сите информации во јавноста јасно е дека во државата нема обрасци за издавање на истите. Со оглед на ова, колку и да се форсираат колегите да работат во смени, викенди па дури и 24 часа истото е целосно залудно и ќе биде само во насока на разгорување на проблемот со доведување на странките во заблуда и креирање на дополнителна нервоза и притисок врз вработените во амбасадите и конзулатите.
Ве повикуваме да се прекине со оваа пракса на самопромоција и перманентно кршење на законите кои ја дефинираат и штитат дипломатската служба“ – се вели во отвореното писмо на Македонскиот дипломатски синдикат.