ОСМАНИ НА ЛИНИЈА СО ЗАЕВ Странската експертиза пресудна дали ќе се прифатат оставките на Филипче и на Хасани
Не велам дека треба да се исклучи и моралната и политичката одговорност, но за да биде цело мора да има и експертиза – вели министерот за надворешни Османи.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека е исправна одлуката на премиерот Зоран Заев да одлучува за оставките на министерот за здравство и на заменикот Венко Филипче и Илир Хасани откако ќе заврши истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово, а во која се вклучени и германски експерти.
-Одлуката како ќе се реши за оставките е прво да заврши експертизата која ја спроведуваат странските експерти. Поцелисходно ќе биде одлуката за оставките ако се заснова на објективни факти отколку само на политикантство и на повици на опозицијата. И да се реализира една оставка која е само поради политички притисок и повик на опозицијата, не ја постигнува целта, треба да се почека и на експертизата, во спротивно таа ќе биде донесена под политички притисок и нема да ја постигне целта. Мислам дека е исправна одлуката на премиерот кога вели сакам во комплетирањето на ова прашање да имам и објективна експертиза од странски експерти – вели Османи.
Тој додаде дека тоа што се случи во Тетово е тешка трагедија и дека тоа не смеело да се случи.
– Државата мора да гарантира дека институциите кои сама ги менаџира дека ќе им овозможат на граѓаните кога ќе дојдат во болниците да се лекуваат и да заминат излечени, а не да загинат во болниците. Не смееме да дозволиме површинска анализа и да носиме брзоплети одлуки за политички поени. Оваа трагедија треба да се искористи за сериозна анализа и на здравствениот систем и на владиниот систем, за да се донесат одлуки за ова никогаш повеќе да не се случи. Затоа не навлегувам во политичка анализа на ова прашање оти тоа е преголем прашање кое ги надминува политичките и изборните интереси – смета Османи.
Тој повтори дека одлуката дали ќе се прифатат оставките мора да ја содржи и објективната експертиза, во спротивно таа ќе биде само политикантство.
Според Османи, најголема штета е прашањето да се анализира само политички, бидејќи ќе има нереална слика, неточни заклучоци, и ќе нема поука за здравствениот систем. Тој вели дека здравствениот систем ги надминува границите на политичките интереси.
-Не велам дека треба да се исклучи и моралната и политичката одговорност, но за да биде цело мора да има и експертиза – вели министерот за надворешни Османи.