ОСМАНИ И ГРУБИ КРКАЛЕ ПОВЕЌЕ ДУРИ И ОД МАРИЧИЌ! Безмилосно трошење на народните пари на службени ручеци
Сите владини функционери заедно во 2021, (и тоа без декември, зашто за овој месец трошоците не се евидентирани), потрошиле 16,5 милиони денари за службени трошоци, или повеќе од 270.000 евра.
Бојан Маричиќ, актуелниот вицепремиер за евроинтеграции, направил убедливо најголеми трошоци од сите останати владини функционери, но ако се гледаат само службените ручеци, Бујар Османи, Артан Груби и Никола Димитров потрошиле повеќе дури и од него, покажува алатката за службени трошоци на владините функционери.
Од оваа дигитална алатка, која подолго време не беше во функција, може да се види дека сите владини функционери заедно во 2021, (и тоа без декември, зашто за овој месец трошоците не се евидентирани), потрошиле 16,5 милиони денари за службени трошоци, или повеќе од 270.000 евра. Тоа е повеќе од 2020, кога се потрошени околу 15 милиони денари, а е на нивото на 2019 година.
Маричиќ потрошил 816 илјади денари за 11 месеци во 2021 како тогашен министер за правда.
На сметка на буџетот, Маричиќ потрошил 213 илјади денари за авионски патувања. На аеродромите користел и вип-салон за 7.500 денари. Нарачал оброци за 163 илјади денари во приватните угостителски објекти, а во државните, кои се поевтини за функционерите, пријавил трошоци од 92 илјади денари. Ручеците во странство Маричиќ ги платил 69 илјади денари.
Сепак ако се гледа посебно, само службените сметки во рестораните во земјата, убедливо пред Маричиќ е Бујар Османи со 336 илјади, Артан Груби со 272 илјади и Никола Димитров со 185 илјади потрошени до декември 2021.
Барабар со Маричиќ е и Насер Нуредини како министер за животна средина со потрошени 873 илјади денари, многу повеќе од една година претходно на истата функција. Она што е забележително за него е што добил убедливо најмногу од сите други членови на Владата за дневници – 55 илјади денари, а за хотелско сместување во странство му биле потребни дури 311 илјади. Не потрошил малку ниту во приватните ресторани – 117 илјади денари.
Министерот за земјоделие Љупчо Николовски потрошил 757 илјади денари како вицепремиер за борба против корупцијата, а половина од тие пари се потрошени за настаните во државните мензи и бифеа.
Крешник Бектеши со 610 илјади денари, што може да се каже дека 2021 е една од неговите поскромни години како министер за економија. Но, ланската година се истакнал по тоа што во вип-салоните на аеродромите потрошил 76 илјади денари.
Јетон Шаќири, сега министер за образование, како министер за информатичко општество и администрација потрошил 415 илјади денари, од кои поголемиот дел за закуп на стан.
Премиерот Димитар Ковачевски потрошил 70.000 денари како заменик-министер за финансии во текот на 2021 и тоа за трошоци за мобилен телефон и за услугите на државните мензи и бифеа.
Првиот вицепремиер Артан Груби се мезел во надворешни ресторани за 272 илјади денари, речиси за двојно повеќе од една година претходно, а при тоа во 2021 треба да се знае дека недостасува последниот месец од евиденцијата. Вкупните трошоци му се 376 илјади денари.