Османи: Ќе комуницираме преку министерствата со Бугарија и не постои Анекс од 12 точки
Не сакаме да бидеме дел од таа предизборна комуникација, туку ќе комуницираме официјално преку двете министерства за надворешни работи - вели министерот.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во „10 Минути“ на ТВ21 посочи дека нема намера да одговори на сите ставови кои доаѓаат од бугарските политичари во овој период бидејќи тие се во предизборна атмосфера.
– Не сакаме да бидеме дел од таа предизборна комуникација, туку ќе комуницираме официјално преку двете министерства за надворешни работи – вели Османи.
Истакнува дека од септември минатата година размениле бројни документи, предлози, нон-пејпери, меморандуми и сите биле претставени во јавноста како прашања кој се покренуваат и за кој се разговара.
– Последниот од низата предлози беше нашиот предлог – Акциски план и нон -пејперот кој што беше пратен кон Република Бугарија за кој што се уште немаме добиено одговор. Очекуваме, ако овие денови добиеме одговор, да продолжиме со комуникацијата со цел изнаоѓање на решение – додава Османи.
Во врска со Анексот со 12 точки, за кој зборуваше бугарскиот вицепремиер Красимир Карачанов, Османи вели дека нема таков документ туку постојат бројни документи кои што се разменети во овие четири месеци.