ОСМАНИ ЌЕ ГО ПОСЕТИ ТЕПАНИОТ ПЕНДИКОВ ВО БОЛНИЦА ВО СОФИЈА Засега нема одговор врз која основа е изнесен од земјава
Од Обвинителството велат дека во однос на други постапки за наведеното лице, повеќе детали ќе изнесат в понеделник откако ќе биде направен увид во предметите.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе оди во Софија за да го посети повредениот македонски државјанин, кој беше физички нападнат во четвртокот во Охрид, соопшти вчера МНР.
Посетата на Османи ќе биде искористена, како што велат од МНР, за министерот Османи да размени мислења со неговиот бугарски колега Николај Милков за инцидентот во Охрид, за зачестените провокации, како и за активностите на двете министерства за превенција и отпорност од слични провокации.
Христијан Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети” во Охрид, бил претепан во четвртокот вечерта во Охрид и тој завчера со бугарскиот владин авион „Фалкон” беше пренесен на лекување во Воено – медицинската академија во Софија, каде в понеделник ќе биде опериран.
Засега нема официјален став и појаснување од МНР, ниту од Министерството за здравство, за процедурата по која македонскиот државјанин Пендиков ја напуштил државата. Од Обвинителството велат дека во однос на други постапки за наведеното лице, повеќе детали ќе изнесат в понеделник откако ќе биде направен увид во предметите што се споменуваат.
– Оштетениот до сега два пати даде свој исказ во постапката и е достапен на органите на прогонот. Освен тоа, тој има правен интерес да учествува во постапката. Јавното обвинителство нема ниту една законска основа да задржува оштетено лице – велат од Обвинителство за МИА.
Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ вчера за ТВ Телма рече дека е преседан начинот на којшто 22-годишиот Пендиков е изнесен од државата, а истрагата за кафеанската тепачка што прерасна во дипломатски скандал е целосно компромитирана со изјавите на политичарите. На тој начин се отежнува работата на јавниот обвинител, вели адвокатот Туфегчиќ.
Лицето е осомничено како сторител на кривично дело, но за таа постапка не е познато дали јавниот обвинител му изрекол мерка за обезбедување присуство. Извори од истрагата за МИА потврдија дека против Х.П. во текот на декември полицијата покренела кривична пријава под сомнеж за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” според член 215 од Кривичниот законик.
Полицијата во петокот приведе тројца охриѓани осомничени дека физички нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија” во Охрид.