ОСИГУРИТЕЛНИТЕ КОМПАНИИ ТРИЈАТ РАЦЕ Во јули се уплатени рекордни 21 милион евра во неживотно осигурување

Од доброволните осигурувања најпродавано останува да биде осигурувањето имот со вложувања од 3 милиони евра за еден месец пред каско осигурувањето со 2 милиони евра и здравственото осигурување со 1,7 милиони евра.

95

Вложувањата на граѓани, институции и компании во неживотни осигурувања во јули достигнаа 1,29 милијарди денари (21 милион евра). Ова претставува рекордно односно највисоко месечно ниво на вложување во осигурителни производи во период од 7 месеци, покажуваат официјалните месечни податоци што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Досега месеци со највисоки вложувања во осигурувањето, според официјалните податоци, беа јануари и јуни со по 1,22 милијарди денари (19,8 милиони евра). Побарувачката за осигурување во јули е за 13% повисока од продажбата на осигурување неживот во јануари и во јуни.






Од сите класи на доброволни осигурувања, очекувано, најмногу пари се вложени во осигурување имот. Граѓани, фирми и институции склучиле над 14.000 договори во кои вложиле 184 милиони денари (3 милиони евра).

На второ и трето место според продажбата на доброволни осигурувања во јули беа каско осигурувањето за моторни возила и приватното (дополнително) здравствено осигурување. Во осигурување на штети врз своите возила (каско) осигурениците во јули вложија 126,3 милиони денари (2,05 милиони евра). Тоа е раст од 9 отсто во однос на јуни годинава.

Од продажбата на приватно здравствено осигурување компаниите акумулирале 105,5 милиони денари (1,7 милиони евра). Продажбата на овој производ во јули е за нијанса помал во однос на продажбата во јуни годинава.

Вредно за истакнување е дека во ек на сезоната на летни одмори продажбата на патничко осигурување достигна ниво од 44,8 милиони денари (728.000 евра). Тоа е 16% повеќе во однос на претходниот месец односно јуни. Раст на продажбата на патничко осигурување од 6% има и во однос на јули лани.

Во најголемата осигурителна класа осигурувањето од автомобилска одговорност, која е воедно и задолжителна со закон со цени регулирани од државата, има најголем раст на продажбата. Во јули компаниите од продажба на полиси (задолжително осигурување кое се купува при регистрации, зелена карта при возење во странство и гранично осигурување за странци кои возат низ Македонија) инкасирале 693,4 милиони денари (11,3 милиони евра). Во споредба со истиот месец лани во јули годинава продажбата е зголемена за над 60 милиони денари (1 милион евра).

Продажбата на зелена карта (осигурување за возење во странство) во јули надминала 3 милиони евра и е за 8% повисока од истиот месец лани.

Клучен генератор на растот на продажбата е осигурувањето за возење во земјава (ЗАО -задолжителното осигурување од автомобилска одговорност кое се продава при регистрација на возилaта ).

Продажбата на ова осигурување (чија цена е регулирана од  Владата) во јули изнесува 473 милиони денари (7,7 милиони евра)  и тоа е за 11,3% повеќе од јули лани. Со оглед на тоа дека не се променети цените на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност  растот на приходите од продажба е генериран од зголемениот број на регистрирани возила во Македонија. Во јули годинава, според податоци на Националното биро за осигурување (НБО) се регистрирани над 85.000 возила. Тоа е за 12% повеќе регистрирани возила во јули годинава во споредба со јули 2023 година.

 

Поврзани содржини