ОСИГУРЕНИК НАПЛАТИ 200.000 ЕВРА ЗА ОШТЕТЕН ИМОТ Исплатата е извршена од АДОР „Македонија“

За покритие од задолжителната автоодговорност најголемата исплатена сума е 173.000 евра, за покритие од зелен картон компанија исплатила 101.000 евра, а 80.000 евра наплатил осигуреник за карго.

1,580

Највисоката исплатена штета покриена со осигурителна полиса во земјава изнесува 200.000 евра и е исплатена за осигурување имот. Штетата ја наплатило правно лице осигурано кај друштвото за осигурување неживот АДОР „Македонија“, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за првите шест месеци годинава.

Втора според вредност штета, во првото полугодие годинава, е исплатена во класата задолжително осигурување од автомобилска одговорност. Износот е 173.000 евра и ја исплати „Евроинс осигурување“.






Третата поединечна највисока штета е исплатена од АДОР „Македонија“ исто така по основ на полиса за осигурување имот. Нејзината вредност изнесува 115.000 евра, а обештетено е правно лице.

Најголемата поединечна штета во класата на зелената карта изнесува 101.000 евра исплатени се од „Халк Осигурување“. Највредната штета во класата карго (со која се осигуруваат стоки во превоз) изнесува 80.000 евра и е исплатена од компанијата „Триглав осигурување“.

Во класата осигурување од незгода, која има најголем број активни договори за осигурување во споредба со сите други класи доброволно осигурување, највисоката штета ја исплатила компанијата „Еуролинк“ и таа изнесува 58.000 евра.

Најголемата штета исплатена за моторно возило со каско осигурување изнесува 29.000 евра, исплатена е од „Винер ВИГ“. Кај патничкото осигурување наголема штета во првото полугодие исплатила „Сава Осигурување“ и таа изнесува 15.200 евра.

Кај најактуелното од доброволните неживотни осигурувања – приватното здравствено осигурување највисока штета исплатило друштвото „Халк Осигурување“. Таа изнесува 10.000 евра.

Осигурувањето од финансиски загуби е доброволна класа на осигурување која има голем потенцијал и покрај малото пазарно учество бележи значаен раст. Во овој период најголемата исплатена штета во оваа класа осигурување изнесува 7.600 евра и е покриена од „Сава Осигурување“.

Во првите шест месеци годинава граѓани, компании и институции наплатија 31,5 милиони евра обештетување за штети покриени со осигурителни полиси за неживотно осигурување. Компаниите за неживотно осигурување во првото полугодие годинава исплатиле 5,2 милиони евра односно 20 отсто повеќе штети во споредба со истиот период минатата година.

Поврзани содржини