ОШТЕТЕН МОСТ НА БОИШКА РЕКА, СООБРАЌАЈОТ ВО ПРЕКИН Водата за пиење во Крушево е заматена

Во Кичево критична е улицата Прилепска. Околу 150 лица од Кичево се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Се расчистуваат канали и коритото на Зајашка Река со градежна и тешка механизација.

431

Поради оштетување на мост на Боишка Река на локалниот пат кон селото Мренога, сообраќајот е затворен, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

ЈП „Комуналец“ интервенира во населбата Мургашево во Демир Хисар со проширување на речното корито. Пријавено е излевање на реката кај селото Обедник и меѓу селата Обедник и Смилево.






Во Ресен се поплавени земјоделски површини, дворови, куќи и магацини. Нивото на Голема Река е зголемено. Екипи од ЈП и ЕЛС Ресен интервенираат со пумпи и градежна механизација за исцрпување и расчистување. И противпожарната единица од Ресен учествува во испумпување на вода од подруми.

Водата за пиење во Крушево е заматена и се препорачува да се преврива. Реката Црна е со зголемено, но стабилно ниво. ЈП „Комуна“ ги зајакнува насипите. Се следи состојбата на Крушевска Река во координација со Општина Кривогаштани.

Во селото Лажани, во Долнени, пријавена е штета на двор и приземни простории. Во селото Пешталево има поплави поради неисчистени канали. Интервенирано е со градежна механизација.

Во Охридско излеана е реката Сушица на повеќе локации и има поплавено дворови и подруми. Кризниот штаб и ЈП Охридски комуналец интервенираат со механизација, насипување и проширување на коритото. Кај селото Вапила реката Далјан го оштетува патот под мостот и се врши заштита со механизација. Евидентирано е и свлечиште кај Лескоец, Скребатно.

Во Струшко поплавени се дворови и куќи во Мислешевски пат, селата Мислешево и Калишта. Противпожарната единица од Струга интервенира со пумпи, а е ангажирана и градежна механизација.

Реката Радика во Дебар има зголемено, но стабилно ниво. Патните правци се проодни. Надлежните служби расчистуваат помали одрони.

Реките Зајашка и Треска во Кичевско имаат зголемени водостои, но се под нивото на излевање. Критична е улицата Прилепска. Се расчистуваат канали и коритото на Зајашка Река со градежна и тешка механизација. Околу 150 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде се згрижени од Општината и ЦК Кичево.

На патот Тумчевиште – Чегране во Готиварско има вода на коловозот и патот е небезбеден.

Во останатите делови од земјата состојбата е стабилна со зголемени водостои, но без излевања и нарушувања.

 

Поврзани содржини