ОРУЖЕН НАПАД НА УНИВЕРЗИТЕТОТ МОРГАН ВО БАЛТИМОР Пет лица се повредени во студентскиот кампус
Полицијата соопшти дека меѓу петте повредени во нападот, четворица се студенти на Универзитетот Морган.
Во синоќешниот вооружен напад пред студентскиот дом на Државниот универзитет Морган во Балтимор, САД, повредени се пет лица, но ниту еден од нив не е во критична состојба.
Четири од жртвите се студенти на Универзитетот Морган, соопштија од полицијата
– Жртвите, четворица мажи и една жена на возраст од 18 до 22 години, се пренесени во болница со повреди кои не се опасни по живот – изјави полицискиот комесар во Балтимор, Ричард Ворли на брифинг за медиумите.
Полицијата во Балтимор синоќа околу 21 часот и 30 минути добила информација за напаѓачот, поради што кампусот бил блокиран четири часа. Полицијата не соопшти дали некој е уапсен, ниту информации за осомничениот напаѓач или напаѓачите.
Инцидентот се случил за време на популарниот настан со кој традиционално се одбележува почетокот на студиската година и враќањето на студентите во студентскиот кампус.
Еден студент опиша дека слушал истрели додека во кампусот се одвивала свеченост за студентите.
-Бевме надвор, свечноста заврши и сите си заминуваа, а потоа видовме дека два истрели го погодија предниот прозорец и сите почнаа да бегаат. Беше хаос – изјави за CNN студент кој живее на кампусот.