Јорн Јелстад: Треба да се создаде доверба меѓу граѓаните и државните институции

Тој смета дека Северна Македонија, Србија и Црна Гора мораат да работат на целосно прилагодување кон принципите и стандардите на ЕУ, за што имаат целосна поддршка од страна на Норвешка.

245

Клучот на секој општествен развој лежи во решителноста и капацитетот да се создаде доверба меѓу граѓаните и државните институции, а за да се одржат општествена стабилност и кохезија граѓаните мора да имаат чувство дека властите се грижат и се заземаат за нив, вели во интервју за „Јуропеан Вестерн Балкан“, Јорн Јелстад, амбасадор на Норвешка во земјава со седиште во Белград.

– Во таа смисла независните институции, инклузивните парламентарни процедури, слободата на медиумите, борбата против корупцијата, еднаквоста, иновациите и заштитата на животната средина се основа за изградба на таа доверба – наведува Јелстад, кој покрај во земјава е амбасадор на Норвешка и во Србија и во Црна Гора.






Тој смета дека земјава, Србија и Црна Гора мораат да работат на целосно прилагодување кон принципите и стандардите на ЕУ, за што имаат целосна поддршка од страна на Норвешка.

– Среќен сум што гледам дека постои декларирана политичка волја во овие земји за усогласување со овие вредности и принципи. Лично би сакал да видам забрзување на тој процес и поголема фокусираност на него во однос на тоа што го гледавме порано – додава норвешкиот амбасадор.

Јелстад посочува дека приоритет на Амбасадата на Норвешка е соработка со цивилното општество во трите земји, потенцирајќи дека граѓанскиот сектор е важен за секоја држава.

– Норвешка има долга традиција на давање приоритет на граѓанскиот сектор, со цел да го направи силен и влијателен. Секоја норвешка Влада, без оглед на партискиот состав, го третира граѓанскиот сектор како стратешки партнер во зајакнувањето на демократските вредности и просперитетот. Без активно учество на граѓанскиот сектор и организации, ќе биде тешко да се постигне неопходниот консензус и доверба за рационално и инклузивно управување. Граѓанското општество треба да се охрабри да застапува ставови што ја информираат и обликуваат јавната расправа. Затоа, треба да се развие меѓусебно почитување и професионално вмрежување помеѓу граѓанскиот сектор и властите, со јасна дефиниција на улогите и транспарентните односи. Во однос на ефективното вклучување во процесот на демократизација и европската интеграција во овие три земји, моето досегашно искуство е дека граѓанскиот сектор дава најзначаен придонес –  вели Јелстад.

Токму затоа, според него, Норвешка преку Балканскиот демократски фонд (БТД) активно поддржува широк спектар на проекти спроведени од граѓанските организации во сите три земји.

– Овие проекти се посебно дизајнирани да ја прошират демократизацијата, да ја зголемат транспарентноста и да го подобрат квалитетот на животот во локалните заедници – нагласува Јеслтад во интервјуто.

Поврзани содржини