Орлите на Македонија

Орлите на Македонија ги снема од македонското небо. Тивко и бесшумно слетаа и исчезнаа во македонската суводолица, како предвесник за долгото и болно, и срамно умирање на македонската нација, која од народ во сопствената држава, самата се сведе во - етничка група во (само)исчезнување.

3,222

О, трајте, трајте, тирани недни!

Доста се тија лаги и злоба –






пакостен глас од устите гадни

врз мојот народ у секоја доба.

Тоа беше првата строфа од песната „Глас од Македонија“ на Коле Неделковски, која, заедно со други песни од стихозбирката „Орлите на Македонија“ на Венко Марковски, одамна, како гимназијалка, ја спремав да ја рецитирам на свечената Академија по повод ослободувањето на Тетово – 19 ноември 1944 година.

Беше неделен, убав ноемвриски ден. Возбудена се надгласував себе во последната проверка не само на текстот, туку и во тонот и начинот на изговарањето на истиот. Со концентрација  рецитирав и трчав по чардакот дома, слегувајќи по скалите до дворот и назад.

Тамам го почнав вториот стих: – „Та ете веќ векови цели…“,  ме пресече гласот на Татко, кој во појатата го распалуваше огнот под казанот за печење ракија, од комињето кое сладуњаво ќислеше од големата крбла:

– Чукни со ногата, чупо, ко ќе ги кажеш зборовите „тирани недни“…! Еве  вака… – и ми покажа како.

На мое изненадување, заедно со силниот топот, го чув, како ја продолжи рецитацијата: – „…за брата вијат кој да го дели, за да му глода сувите коски…“.

– Татко! – му викнав, и со двете раце го поткренав од троножецот на кој си седна за да ја продолжи работата. – Па ти, си ја знаел песнава? Вечер ќе дојдеш со мене заедно да ја рецитираме на Академијата…

– Ќе дојдам чупо… ама, јас ќе ја пејам мојата песна. И запеа: – „Стар бел дедо овци пасе на Пирин планина…“.

Тогаш јас го прекинав него и на цел глас продолжив: – „Стадото му мирно пасе, дедо с’кавал свири: –  Де е Гоце, де е Даме, нашите другари…“. – Пеев и топотев со ногата врз земјата, како што ме учеше.

Ечеше комшилукот од мојот глас. Престанав да пеам кога повторно го слушам Татко како ми се придружува: – “…де се нашите комити, знаме да развее….“. – Не доврши. Некој штрек како да го обзеде и го онеме. Гледајќи  намерно кон чардакот, со крената рака, ми рече да одам да ја повикам Мајка да ги собере првите капки од првата протока на препеченицата, за да ги испие. – Мисли дека се иљечлии…! – како за себе рече.

Некое време потоа, јас седнав на клупата спроти него и го чекав да се врати, од таму, каде што залута со мислите. Тој молчеше и го празнеше чоканчето… Еден момент, ме опули како да проверува дали сум уште тука, за да ми се спротивстави:

– Не се ослободи Тетово на денешен ден… Беше последен ослободен град во Македонија, ама, баљистичките банди на Џемо и Мефаил формирани уште во време на италијанската окупација, продолжија да дејствуваат и по капитулацијата на Италија во септември 1943 година и ослободувањето на градот. Движејќи се несметано по планините Сува Гора и Шар Планина, како и околината на Кичево, вршеа невиден терор врз македонското население, со полна поддршка од месното арнаутско население, а во отсуство на единиците што дотогаш го контролираја тој терен, кои беа испратени на Сремски фронт, Марибор… со одлука на президиумот на АСНОМ.

– Од кај знаеш ти, Татко, кога во тоа време ние бевме во Битола…?

– Токму затоа и знам. Како да не знам? – …Темпо ги повика Костурскиот, Леринскиот и Воденскиот баталјон во Југославија и на 18 ноември 1944 година, во слободна Битола, се формира Првата ударна бригада на Македонците од Грција, наречена – Прва Егејска ударна бригада. Низ улиците на Битола грмна гласот на Егејската бригада и од тогаш нé завикаа Егејци сé до ден – денес.

– Е, од каде па ти ги знаеш овие подробности? – одново побарав одговор.

– Знам! – ми рече. – Брат ти Христо беше партизан во таа бригада. Како дел од Југословенската армија, на 28 декември 1944 година, бригадата беше префрлена на територијата на западна Македонија, со задача да ги прогонува и чисти балистите – бандите на Џемо и Мефаил. Така, во борбите што ги водеа во Кичево, Гостивар и Тетово, бригадата остана во месеците – јануари, февруари и март 1945 година, а потоа беше дислоцирана во Битола и Гевгелија…

Тука Татко застана во зборувањето и беспотребно се зафати да чепка по жарот, а јас, шетајќи околу казанот, се сетив и реков:

– Нас, Татко… како ученици од подолните одделенија, еднаш, не однесоа во Музејот на НОБ, кој тогаш беше сместен во една национализирана куќа, карши – преку река од Горна Чаршија, блиску до џамијата… и големиот јаз, буен од надојдените Шарски води во Пена. Беше поставена изложба на фотографии од борбата за ослободување на Тетово. Јас, уште ја паметам големата фотографија на која Џемо беше на средина и до него повеќемина други, сите поседнати на столови со пушките меѓу колената… а пред нивните нозе, на земјата, десеттина отсечени глави. Фотографијата ја запаметив поради долгите руси, кадрави коси на младиот човек, кои му беа излепени по лицето…. Мислам дека под фотографијата пишуваше дека, злочинот е извршен во селото Беличица – гостиварско, или околината…

Татко, ме сочека да докажам и не покажувајќи никаков интрес за тоа што јас го кажав, влезен во свој филм, продолжи:

– Од Битола и Гевгселија, на остро противење на грчката влада, сметајќи го присуството на бригадата како акт на територијални претензии спрема Грција, со специјална наредба од Тито, од 2 април 1945 година, издадена под притисок на Британската мисија, Првата Егејска ударна бригада беше расформирана. Сите борци беа распоредени по единиците на Титовата армија на  НР Македонија и по само неколку месеци… секој ден, натоварени во камиони  покриени со церада, беа насилно трнспортирани до границите на Грција и регрутирани во редовите на ДАГ, како борци на веќе неофицијално отпочнатата Граѓанска војна, која, по завршената Втора светска војна се водеше, со план, само на територијата на Егејска Македонија…

– И сестра ти Викторија, која ти не ја познаваш, а јас сум ѝ го заборавил ликот… од школска клупа ја регрутираа… Сега не знам каде е! Некој ми кажа дека за време на Информбирото била во некој логор во Романија… Како дојде до таму, не знам. Знам дека тешко ранета, со десеттици други како неа, три дена чекале влез на Југословенска граница, која пред очи им ја затвори Тито во 1948 година, тогаш, кога му нареди Англија. Тој, истиот, кој преку Колишевски ја организираше и испраќаше младината „долу“. Ете така…. – Облечени во туѓи униформи, со туѓи ознаки на капите – како Еласити… со туѓа заклетва, во туѓа војна… водени од грчки водачи по туѓа стратегија, Македонците ја бакнаа данајската рака и клекнати на колена пред грчката геноцидна политика – како ќори пилци чекаа да бидат нахранети од орелот кој будно ги надлетуваше…

– Што зборуваш така, Таткоо! Во училиште учевме дека тоа беше наша борба… продолжување на Илинден…! И сега професорот Анание ни диригира кога пееме во гимназискиот хор: – “…по планини, гори, по бурите сури нé водеше Темпо, најмилиот брат!“

– Лага е тоа, чупо! Истерани од Грците и тие што им помогнаа, прибрани кој каде, а ние во НР Македонија, свртивме да му веруваме, најмногу, на  југословенскиот брат и на тој што го спомна. Тие нé натераа да им веруваме и на нивните идеолошки браќа од КПГ… и така, фрлани – префрлени во нова војна, не можевме да разбереме дека ни се копа гробот, не само на нас Егејците, туку на македонската нација. Фали моментот да не поттурнат во него…

Татко замолче вкочането загледан во рассветнатиот пламен, и кога помислев дека заврши бидејќи подолго молчеше, тој продолжи:

…. И овие… нашите главни водачи на НОФ, не можеа да разберат дека – поразот на Македонецот од било кој крај на етничка Македонија, е пораз на сите Македонци? Втурнати во некаквата социјалистичка револуција на КПГ, срамно е што лажеа дека, борбата е – за самоопределување и обединување на Македонскиот народ. Кога? – По Втората светска војна? Кога беше донесено решението на Јалта, со кое е договорена поделбата на сфери на влијание и – границите да останат со непроменет статус?

Како и да е – Граѓанската војна, не беше наша – Македонска војна. Ниту неа ја бараше Македонецот… ниту ја предизвика… ниту ја водеше, туку… за да биде доископачен од Егејска Македонија, во неа беше насилно втурнат од туѓа рака и слепо вовлечен како сервис за туѓи цели, изманипулиран исто како и во Втората светска војна која  само што заврши… втурнат одново во нова војна  и  одново жртвуван до степен на геноцид.

– Епа Татко…. Војната одамна заврши… Во војна сум родена, не сакам во војна да умрам! – помирително прокоментиав.

– Војната зврши чупо, ама оној ден кога се стекнавме со слободна наша држава, борбата не заврши! Таа мирнодобски продолжува за – зачувување на стекнатата слобода и сопствената држава! – остро ми возврати.

– Што збориш, бре Татко?

– Тоа што слушаш! Тоа што одамна треба на сите да им е познато… – Нова опасност чека, по секоја победа… таму, зад секоја кривина, за нас самите и за нашето дело за кое сме се бореле, а вие  да продолжите да се борите… заедно со нас.

Татко одново подзастана во зборувањето кое се чувствуваше дека не го завршил. Некоја сила избиваше и се ширеше од неговиот здив, кога немајќи со кого да го муабети кажаното, ме најде мене, за да сам пред себе и со себе се изнаприкажува.

Од кога здивна малку и одново го наполни чоканчето, потстана, ја извади кутијата во која тутунот беше жолт како смил и изрецкан во испреплетени лентички, свитка подебела и подолга цигара, ѝ ги лизна двата краја, потоа ја запали, повлече еден чад… ја истегна нанапред десницата колку што му е долга, па како говорник кој пред себе има слушатели, продолжи:

– Еднаш освоената слобода бара постојана будност. Ако се опуштиш, можеш да паднеш во поголема немилост од претходната… по своја грешка. Ти треба време и напор да се искачиш по угорницата на ридот што е зад куќата… Ја гледаш? (ми покажа со раката кон брдото на Колтук). – Ама, кога ќе дојдеш на врвот, само секунда невнимание е доволно да се најдеш подолу од што си била, кога си почнала да се качуваш.

– Па живот ли е тоа… Татко? Секогаш да бидеш претпазлив, и кога ти е лошо и кога ти е арно?

– Епа, ќерко, спокојство нема никаде и никогаш. Понекогаш човек ќе се осети спокоен… ама и тоа е привидно и пак во служба на општото движење кое е како водата во реката… – Таа тече, а ние сред коритото мораме да пливаме за да се одржиме и тоа опулени на сите четири страни. Ако не, ќе се удавиме… Избирај!

– Значии… – Која е можната грешка, Татко?

– Опуштеноста! Народот е најтешко загрозен кога неговата свест е опијанета од некоја… или  некогашна победа. Ништо не трае засекогаш. Сé е во движење… Кога ја прашале сотоната кога неговата власт над човекот е најјака, рекол: – Кога ќе се опушти! Кога човекот е опуштен, свеста му е задремана…

– Епа.. Татко… – Човекот, вака или онака, сака понекогаш да дремне… – за да го скротам муабетот, на шега завртев.

– Нема дремење! Не смее да се заборави дека душманите никогаш не дремат и не се опуштаат. Напротив, времето го минуваат во оштрење на своето непомирување што постои слободна Македонија и македонскиот народ…. А, ние треба да знаеме дека добиената македонска држава и слободата во неа, ни се неоходно потребни за да го зачуваме нашиот македонски идентитет, како вечна вредност. – нишкајќи со главата додаде Татко.

– Ова е ново време, Татко… Ние сме повоена генерација и гледаме за напред…

– Не можеш да гледаш напред ако не го знаеш минатото и по кој пат си дошол до сегашното… „Новото време“ е секогаш неизвесно – навестува добро и зло, и поради тоа секој треба да е претпазлив. Имајки ги во предвид противречните негови можности, треба да му имаме почит, надевајќи се да тоа  што го крие во себе, е најдоброто за нас, посебно ако животот не те помилувал со меката рака на добрината. Ама, како времето се постелува и дал ќе носи добро, лошо, а многу пати и полошо… за кого-како, никогаш за сите исто… зависи од околностите во дадениот момент и челните луѓе. Среќен е оној народ, кој во војна и после неа, ќе има јаки луѓе за водачи, духовно осознаени, просветлени и  способни да го обединат народот, и во него да развијат здрава колективна свест и национално единство кое ќе му помогне да се себепрепознава во сопствената национална гордост. Народот се обединува околу иста цел. Само така сплотен народ ќе успее да се себесочува од опасностите кои го демнат.

– Татко, не ме мачи мене со проблеми до кои не сум дошла… Има власт. Таа нека мисли…

– Ах, бре убава моја ќерко! Беспотребно е да се напаѓа власта, а уште помалку да се фали, затоа што – секоја власт е „ваква и онаква.“ Така ќе биде до века…!

Станав од клупата и полека се повлекував кон скалите, а тој, без да  примети дека си одам, продолжи:

– Долгото робување и лошото управување со вешто наредените невистинити зборови од неповикани да нé бранат од опасностите кои тие ни ги створија, од нас направија духовно парчосан и збунет народ, со истенчени сваќања за сопствената судбина и ослабната способност за реален суд. Досега, тешко ни поаѓало од рака да го увидиме и да го издвоиме дури и сопствениот зијан од злото кое ни се постелува пред нас, а ние го поткрепуваме како добрина и вистина, или што мислевме дека е вистина… За натаму ќе видиме!

ЕПИЛОГ: Орлите на Македонија ги снема од македонското небо. Тивко и бесшумно слетаа и исчезнаа во македонската суводолица, како предвесник за долгото и болно, и срамно умирање на македонската нација, која од народ во сопствената држава, самата се сведе во – етничка група во (само)исчезнување.

ПОСЕБНО. – Им се обраќам до моите млади колеги од Македонското здружение на млади правници, со молба, да ја прочитаат мојата колумна „Завештанието на Ванчо Михајлов“ од 31.03.2022 год.,, објавена во „ПлусИнфо“, за да испитаат (како јас што сторив во 2000 год.,) – како е можно во Битола да биде регистриран „Културен центар Иван Михаилов“ на Бугарите од Македонија, кога, Здружението „Радко“ (тоа е псевдонимот на В.М.) на македонските Бугари, регистрирано со решение на Охридски суд во 2000 год., од страна на Уставниот суд на Македонија со Одлука од 21.03.2001 год., (објавена во Сл.весник на РМ бр.27/01) е поништено во 2001 год., и бришано од судскиот регистар, –  како името, така и Статутот и Програмата, како противуставни, односно истите, како што е наведено во Одлуката: „…се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост, поради што утврди дека истите не се во согласност со Уставот на Република Македонија“.

Поврзани содржини