ОРКАНСКА БУРА ВО МАКАРСКА Циклонот „Барбара“ пустоши во Грција
Силен ветер однесе дел од покрив од црква во Мостар, корнеше дрвја, а поради новиот снег и наноси не се препорачува возење низ паркот на природата Блидиње.
Природата уште еднаш ја покажа својата сила на брегот на Макарска, каде вчера дуваше бура слична на ураган со налети на ветер до 141 километри на час, јавува Слободна Далмација.
Силното невреме во областа Макарска не предизвика значителни штети, а во прекин е и траектната линија Макарска-Сумартин на Брач.
Сплитските пожарникари имаа полни раце работа ноќта од сабота кон недела. Тие интервенираа повеќе од 40 пати поради силниот ветер кој кршеше дрвја и гранки, се закануваше да кине лимови од покривите, но предизвика и неколку пожари.
Силен ветер однесе дел од покрив од црква во Мостар, корнеше дрвја, а поради новиот снег и наноси не се препорачува возење низ паркот на природата Блидиње. Надлежните ги повикаа возачите да бидат многу внимателни на патиштата во југозападниот дел на Босна и Херцеговина.
Викендов и грчкиот регион Пелопонез, особено делот кај Атика е погоден од т. н. студен временски фронт „Барбара“, проследен со силни снежни врнежи. Невремето почна синоќа и сè уште трае, што го отежна и поморскиот сообраќај, а редовните линии на бродовите се во прекин на пристаништата Пиреја, Рафина и Лаврио.
Полицијата денеска напладне го забрани сообраќајот во некои предградија на Атина.