Оризопроизводителите се заканија: Субвенции или целосна блокада на сообраќајот
Производителите се гневни од ниската цена на оризот и неисплатените субвенции.
Оризопроизводителите од кочанскиот регион незадоволни од состојбата и откупот на оризот денеска во селото Облешево со земјоделска механизација блокираа една коловозна лента на магистралниот пат Кочани – Штип. Тие очекуваат брза реакција од Владата и исплата на субвенциите, во спротивно ќе продолжат со протестите и ќе применат поригорозни мерки за целосно блокирање на магистралниот пат.
– Откупната цена е ниска, изнесува од 15 до 20 денари за килограм арпа, а не сме ги добиле субвенциите. Владата нема слух да најде начин да задоволи барем дел од нашите потреби. Не сме опфатени ниту се една од петте ковид-мерки, поради што до крајот на февруари бараме исплата на редовните субвенции што ни следуваат по закон. Веќе почнуваат подготвките за новата сеидба на оризот и тие средства ни се потребни. Проади ниските откупни цени бараме дополнителна субвенција од пет денари по килограм предадена арпа – изјави Драгољуб Гаврилов, член на Инцијативниот одбор за заштита на оризопроизводството.
Земјоделците побараа и исплата на надоместокот за „зелена“ нафта, како и определување на заштитна цена за килограм ориз.
-Откупувачите сами ја определуваат најниската откупна цена, а ние како земјоделци сме принудени да им ги предадеме произведените количини со оглед што сме должни да ги платиме обврските за воден надоместок, за набавеното ѓубриво и репроматеријали и за другите трошоци. Цената на нафта е покачена, поскапи се вештачките ѓубрива и најжално ќе биде ако земјоделците не можат да ја почнат седибата на оризот – рече оризопроизводителот Тони Максимов.
Земјоделците од кочанскиот регион нагласија дека очекуваат брза реакција од Владата, зошто во спротивно ќе продолжат со протестите и ќе применат поригорозни мерки за целосно блокирање на магистралниот пат.