ОРИЗАРИТЕ МОЖАТ ПРЕДИЗБОРНО ДА СЕ НАДЕВААТ НА НЕКОЈ ДЕНАР ПОВЕЌЕ Заев најави помош и за нив
Вчера оризопроизводителите протестираа со барање да се зголеми откупната цена на оризовата арпа и на белиот ориз.
По вчерашните протести на оризопроизводителите кои бараат повисока откупна цена, забрана за увоз на неквалитетен ориз и заштита на домашното производство, премиерот Зоран Заев денеска рече дека стојат на располагање да помогнат за оризовата арпа.
– Во делот на оризовата арпа помагаме континуирано, и по делот на хектоража и по делот на субвенциите, дадовме инструкции и насоки на барање на министерот после консултациите да имаме максимален фокус и посветеност – рече Заев.
Тој посочи дека е во тек со тоа што се случува со сите земјоделски производи и со сите земјоделци во државата.
-Веќе најавив, благодарение на навремените анализи Буџетот предвидел средства, ги имаме и дел во ковид-програмите ќе се помогне со три дополнителни денари на лозарите и секако со поддршката на извозот којашто оваа година верувам дека ќе постигне така убави цени коишто одамна ги немало за пласманот и на „вранецот“ и на „смедеревката“, а исто така со три денари ќе помогнеме за индустриското јаболко – рече Заев.
Тој рече и дека доколку не се решат работите заедно министерот и земјоделците и граѓаните јас стојам целосно на располагање.
– Гледате дека имаме флексибилни механизми да им се најдеме на граѓаните затоа што навистина и од пандемијата има дисторзија во пазарите на сите продукти – рече Заев.