ЃОРГИЕВ СМЕТА ДЕКА КОМИСИЈАТА ЌЕ БИДЕ ПОЛИТИЧКИ ЗЛОУПОТРЕБУВАНА Тоа би направило уште поголем јаз меѓу двете држави
Академик д-р Драги Ѓоргиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, за порталот Локално вели дека на политичко ниво се заострени односите и во овој случај тоа многу силно ќе се отслика и во самата Комисија.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека наскоро ќе биде променет составот на македонската страна во Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
Според него, актуелната мешовита комисија не ги оправдала очекувањата и не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ.
Академик д-р Драги Ѓоргиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, за порталот Локално вели дека на политичко ниво се заострени односите и во овој случај тоа многу силно ќе се отслика и во самата Комисија.
– Лично мислам дека нема да бидат во полза на решавање на ситуацијата со оглед на тоа што како се сфаќа работата на Комисијата, односно дека тоа е условно речено војна меѓу Бугарија и Македонија за националниот идентитет. Зависи и на кое ниво ќе биде подигната или третирана работата на Комисијата, но мислам дека ќе биде политички злоупотребувана – рече Ѓоргиев и додаде дека тоа не е суштината на оваа комисија, но дека таквото сфаќање ќе направи уште поголем јаз меѓу двете држави.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.