Ѓоргиев и Тодоров: „Историските вистини“ се речник на личности со авторитарни ставови
Која е целта постојано, без аргументи да го обвинувате за политизирање својот соговорник со кого заедно сте влегле во процес да градите добрососедство и пријателство, пишуваат двајцата историчари во својата колумна.
Историчарот Драги Ѓоргиев, копретседател на македонско-бугарска историска комисија за историски образовни прашања и историчарот Петар Тодоров, член на комисијата, во колумна за Радио Слободна Европа велат дека постојаните обвинувања и искажувања невистини кон македонските членови на Комисијата и пречат на нејзината работа.
Тие велат дека се нудат идеи што и како треба политичките институции да направат за да се реши спорот и се предлага политички институции да нотираат, да изјавуваат или да утврдуваат одредени погледи за минатото. Според двајцата историчари, тоа може да го направи секоја Влада, само доколку сака да влезе во авторитарни води и да наметнува што е историска вистина, а што е фалсификат.
– Токму овие разбирања и овие поделби на „историски вистини“ наспроти фалсификати го храни овој историографско-политички спор помеѓу двете држави. Токму овие погледи служат на одредени политичари во Бугарија, но и во Македонија да манипулираат со граѓаните и граѓанките и да стигматизираат/определуваат/одредуваат кој е предавник на нацијата. Се разбира, како и секогаш, споменатите предлози предизвикаа дебата, но и навреди и етикетирање по социјалните мрежи. Македонското општество е очигледно силно поделено општество, а историјата е омилена тема за поделба – велат во колумната.
Постојаните обвинувања кон македонските членови на Комисијата, Ѓоргиев и Тодоров сметаат дека тоа пречи во процесот на работа и постигнувањето на заедничката цел која произлегува од Договорот за добрососедство.
– Која е целта постојано, без аргументи да го обвинувате за политизирање својот соговорник со кого заедно сте влегле во процес да градите добрососедство и пријателство. Ако не постои разбирање и емпатија за мислењата и погледите на другиот, тогаш воопшто не треба да започнувате разговори со него за прашања кои пречат во односите помеѓу двете држави. Како да се постигне пријателство ако не го уважувате соговорникот и соседот. Овие обвинувања единствено имаат смисла, ако нивната цел е домашната публика. На крајот, кој и да е мотивот, постапката е спротивна на заедничката цел – градење на добрососедство и пријателство – пишуваат во колумната историчарите.
Тие велат дека ако искрено се сака добри односи, пријателство и заедничка иднина во Европската унија, има начин да се направи тоа. Прво, тие сметаат дека за идентитетите не се носат политички резолуции и ставови, ниту пак се инсистира други народи да прифатат туѓи етнонационални историски наративи и погледи за себе.
– Идентитетите се почитуваат. Толку! – велат Ѓорѓиев и Тодоров.
Тие додаваат дека на сите кои го следат овој процес им е јасно дека станува збор за проблем кој произлегува од различното толкување на минатото, за етничкиот идентитет на Македонците, како и за правата на етничките Македонци во Бугарија. Оттука, се вели во колумната, она што ги обединува сите предлози и идеи е фокусот на историјата, поточно нејзиното толкување, доминантните наративи и политиките на сеќавање.
Историските политички митови се напишани од историчари, а не од политичари, се вели во колумната, и се додава дека „политичарите не би можеле да влезат во улогата на историчари и да го толкуваат минатото, доколку ја немаат подршката на историчарите. Без нив и нивните тези, тие не би можеле да добијат легитимитет“.
– Токму овие погледи и состојби создаваат претстави за „историски неправди“, за „историски вистини“ поим кој припаѓа на XIX век, кога се мислело дека историјата може да постигне егзактност како што тоа го прават некои природни науки. Денес зборуваме за истории, за историски претстави, а „историските вистини“ се поскоро речник на личности со авторитарни ставови или пак на оние кои немаат доволни познавања за историјата, а често сакаат жестоко да дебатираат за неа – пишуваат Ѓорѓиев и Тодоров.