ОРДИТЕ НА ЗЛОТО НЕМА ДА НЀ УНИШТАТ 213 деца убиени во Украина од почетокот на војната
Денеска сѐ уште веруваме во нова победа на Украина и убедени сме дека ордите на злото нема да нѐ уништат. Издржуваме во црни времиња. И на овој светол ден, повеќето од нас не се во светла облека. Но, ние се бориме за светла идеја. Ние сме на светлата страна. А вистината, луѓето, Господ и светата небесна светлина се на наша страна, порача украинскиот претседател.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска, по повод Велигден, изјави дека ниедно „зло“ нема да ја уништи Украина и се помоли Бог да им ја врати среќата на децата и да им донесе утеха на ужалените мајки. Руските сили убиле 213 деца во Украина од 24 февруари досега, според податоците на Украинското државно обвинителство.
„Повеќе од 602 деца настрадаа во Украина како резултат на вооружената агресија на Русија. Поточно, загинаа 213 деца, а повеќе од 389 се повредени. Овие бројки не се конечни, бидејќи се работи за областите на активни воени дејствија, на привремено окупираните и ослободените територии“, напиша на Телеграм прес-службата на Обвинителството, пренесува Укринформ.

Во видео пораката снимена во една од најпознатите знаменитости на Украина, илјадагодишната Света Софија во Киев, Зеленски рече дека Украина ќе го надмине мракот што ѝ го донесе војната.
– Денеска сѐ уште веруваме во нова победа на Украина и убедени сме дека ордите на злото нема да нѐ уништат – порача украинскиот претседател.
– Издржуваме во црни времиња. И на овој светол ден, повеќето од нас не се во светла облека. Но, ние се бориме за светла идеја. Ние сме на светлата страна. А вистината, луѓето, Господ и светата небесна светлина се на наша страна – вели украинскиот претседател.
– Минатата година Велигден го прославивме во домовите поради пандемијата. И оваа година го славиме Христовото Воскресение не како порано. Поради друг вирус. Поради чумата наречена војна. И минатогодишната и сегашната закана ги обединува едно – ништо не може да ја победи Украина – истакна Зеленски.
Во Украина денеска се одржуваат скромни Велигденски прослави, точно два месеци по почетокот на руската окупација.Украинските власти вчера ги повикаа верниците да ги следат мисите преку интернет и да го почитуваат ноќниот полициски час.
Сергеј Гајдаи, гувернерот на источниот регион Луганск, денеска соопшти дека седум цркви во таа област се уништени во војната.