ОРДЕН ЗА ТРОЈЦА АКТЕРИ, МЕДАЛ ЗА ЗАСЛУГИ ЗА К-15 Пендаровски додели признанија на шестмина уметници и на Албанскиот театар
Претседателот Пендаровски ги одликуваше актерите Гоце Тодоровски, Коле Ангеловски и Бајруш Мјаку со Орден за заслуги, Медал за заслуги им беше врачен на Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Лупчо Каров од К-15, а Повелба му беше доделена на Албанскиот театар.
Претседателот Стево Пендаровски вечерва на свечена церемонија во Даут-пашин амам ги додели признанијата Орден за заслуги, Медал за заслуги и Повелба на Република Северна Македонија.
Со Орден за заслуги, претседателот Пендаровски ги одликуваше актерите Гоце Тодоровски, Коле Ангеловски и Бајруш Мјаку.
Гоце Тодоровски е одликуван заради исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност. Тодоровски на средбата со претседателот Пендаровски, што беше прикажана на свеченоста, рече дека орденот за заслуги ќе го носи во срцето.
Коле Ангеловски е одликуван за неговата 60-годишна богата уметничка кариера. Покрај во театарот, ќе остане запаметен и неговиот телевизиски и филмски ангажман со кој Ангеловски несомнено прерасна во едно од најзначајните уметнички имиња кои трајно jа задолжија македонската култура.
Бајруш Мјаку е одликуван за неговата тридецениска кариера како еден од најзначајните актери во современиот македонски театар. Пред присутните тој рече дека кога одлучил да студира глума, верувал дека избрал привилегирана и племенита професија која ќе ми донесе слава, но кога почнал да работи како актер во Албанската драма при Театарот на народности во Скопје, сфатил дека актерството не е професија, туку мисија.
Медал за заслуги им беше врачен на Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Лупчо Каров.
Каров е одликуван за неговиот авторски придонес и за учеството во хумористичното шоу „К-15“, за сиот ангажман во радиото и телевизијата, за придонесот кон македонската музика, но и за неговиот граѓански активизам и за вклучувањето во зачувувањето на животната средина. Огњановски и Тодоров се одликувани за хумористичното шоу „К-15“, преку коешто пренесуват уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество.
– Нивното критичко и хумористично претставување на нашите дневно-политички актуелности и нивните незаборавни вонвременски скечеви и ден-денес се паметат и предизвикуваат добро расположение кај гледачите. Да се надеваме дека можеби денешниов чин ќе им биде мотив да нè почестат со уште некоја нова епизода од К-15 и да ги оживеат ликовите на Тошо Малерот, Цацко и Миле Паника или пак да изненадат со некој сосема поинаков проект. Искрено, сите ja преферираме првата опција – рече Пендаровски.
Признанието Повелба на Република Северна Македонија му беше доделена на Албанскиот театар за седумдецениското постоење низ кое се етаблираше во една од водечките уметнички институции којашто остварува значајна културна, образовна и естетска дејност во македонското општество.
Пендаровски во своето обраќање истакна дека вреднувањето на она што поединци и институции му го оставаат во наследство на својот народ, особено кои со своето дело го имаат задолжено општеството на кое припаѓаат, е обврска и одговорност на секоја сериозна држава, но и чин кој сигурно не е само од протоколарен карактер.
-Ние сме мала земја, но можеме да се пофалиме со исклучителни личности, автори, креативци во многу области на општественото живеење, посебно во културата и уметноста. Во изминатите четири до пет години од мојот мандат имав можност да доделам значаен број на признанија и одликувања на исклучителни поединци и етаблирани институции. За жал, во некои случаи тоа беше постхумно или задоцнето, затоа што и кога постои волја, не можете во само неколку години да го исправите тоа што не било направено со децении, меѓутоа најбитно е тие личности и институции од својата држава да не бидат заборавени – рече претседателот Пендаровски.