ЃОРЧЕВСКИ ОДБИ ДА ОДГОВАРА НА ПРАШАЊАТА НА ПАЛЕВСКИ Откако не доби одговори Палчо рече дека не сака да го вознемирува „човекот кој е неправедно обвинет“
Таткото Ѓорчевски уште на самиот почеток рече дека не сака да одговара на прашања од Палевски.
Првообвинетиот Љупчо Палевски денеска во суд се соочи со таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар.
Таткото Ѓорчевски уште на самиот почеток рече дека не сака да одговара на прашања од Палевски.
Палевски го праша дали слушнал дека тој имал комуникација со кој било член од семејството на Вања.
– Јас, како што кажав, ниту ве знам ниту ве познавам. Прв пат ве посочија како монструм во полиција. Прв пат ве видов овде во судница. Не сум комуницирал со вас, ниту пак некој друг од моето семејство. Би сакал да искористам, ако имам такво право, повеќе да не одговарам на вашите прашања. Секој мој нареден одговор ќе гласи исто – рече Ѓорчевски.
Судијата Ивица Стефановски му рече на Ѓорчевски дека одбраната има право да поставува прашања, а дека тој треба да одговори.
Палевски го праша Ѓорчевски дали слушнал дека по кој било основ бил присутен во зградата во последните 10 години.
Александар му одговори „Немам коментар“.
Ѓорчевски го даде истиот одговор и на прашањето од Палевски дали слушнал од таткото на Зорица, Ванчо Лазаров или од кој било друг сопственик на станови, дека имало каков било проблем со него при купување на становите.
Неколку пати кажавте дека МВР се однесувало кон вас како да сте ретардиран. И денеска видовме слични тврдења од ОЈО, па ве прашувам, хипотетички, доколку јас и вие сме биле во дослух од користољубие за да ја примораме Зорица Ѓорчевска да даде пари, како што е напишано во обвинението, нели е логично да биде убиена Зорица Ѓорчевска, а не Вања, а вие како законски старател ќе наследевте сѐ, ќе се реализираше користољубието, затоа што двете деца се малолетни? – праша Палевски.
На ова приговараше бранителот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ, но судијата го дозволи прашањето.
Александар одговори: Немам коментар.
Кажавте дека Гоце Трајковски ви помагал во истрагата. Дали почувствувавте дека секој ваш збор, на вашата сестра, на Зорица се содржани во доказот број 152, затоа што сѐ што сте зборувале му пренесувал на Каришиќ? Додека одморате во вашиот салон ве сликал како спиете и му пратил слика на Каришиќ со коментар „еве го“, на 2 декември, пред да бидете осомничен? – праша Палевски.
– Немам коментар – рече Александар.
Дали ви е познато во врска со она што го кажавте дека во притворот сте малтретиран и тепан, после вашето притворање, во доказот 152, кој содржи фотодокументација од комуникација на Гоце Трајковски и Каришиќ, постои доказ за незаконска истрага во која бившиот директор на КПУ Скопје вршел истраги, влегувал во ќелии и поставувал прашања дали се познаваме?
Александар рече дека нема коментар.
После ова Палевски рече дека сака да се откаже од прашањата.
– Не сакам да го вознемирувам човекот кој е неправедно обвинет – рече Палевски, но судијата Стефановски го охрабри да продолжи со прашањата.
Палевски праша во колку часот биле праќани пораките во групата на Фејсбук, но Александар рече дека нема коментар.
Последното прашање на Палевски беше во колку часот Ѓорчевски им пратил порака на децата да се облечат топло поради ниските температури.
– Немам коментар – рече Ѓорчевски.
Останатите обвинети и нивните адвокати немаа прашања за таткото Ѓорчевски. Судењето продолжува во понеделник кога треба да сведочи првообвинетиот Љупчо Палевски.