ЃОРЧЕВСКИ БАРАЛ ДА БИДЕ СТАВЕН НА ДЕТЕКТОР ЗА ЛАГИ Убиениот Панче сакал да наполни бензин во кантичка, но бил одбиен на бензинската во Велес
Откако од Сејф сити им рекле дека „цитроенот“ е пријавен за исчезнат, Ѓорчевски вели дека се фиксирал на тоа возило на снимките од сите 3 камери кои ги поседувал. На едната камера се гледало дека возилото се движело на крајната десна лента во Буњаковец, па застанало, се вратило малку во рикверц, па отишло во крајната лева лента, како да примало инструкции од некого како да се движи.
Обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, денеска во судницата рече дека на распитот во Обвинителството побарал да биде ставен на детектор за лаги, но дека му рекле дека во тој момент тоа не било можно. Тој вели дека веднаш сфатил дека полицијата се посомневала во него. Тој прв се посомневал во „цитроенот“ за кој забележал на снимките дека се движи чудно.
Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска денеска му поставуваше вкрстени прашања на Ѓорчевски.
На 27.11.2023 рековте дека утрото ви се јавила Зорица, ви кажала дека Вања ја нема, вие веднаш сте се облекле и сте се нашле пред зграда. За вас е својствено секогаш да доцните и да бидете поспан, не е својствено да функционирате така рано наутро. Како тогаш, како поспан човек, успеавте да станете толку брзо, да се спремите и да се симнете? – праша обвинителката.
– Не знам од каде ви е овој заклучок дека за мене било својствено да доцнам. Можеби не сум стасувал затоа што сме имале обврски околу децата, па некогаш сме доцнеле. Додека бевме заедно под ист кров, не сум стасал на време да сменам две пелени, да облечам две деца, да исклучам рингла на која готвам манџа, можеби и сме задоцниле. Откако презедов само половина од одговорноста околу децата, никогаш никаде не сум задоцнил. Што се однесува до тоа сабајле, јас бев толку избезумен, што и гол да се симнев пред зградата, немаше да биде невообичаено – рече Александар.
Тој додаде дека кога му се јавила Зорица бил во кревет и дека ја ставил на спикер, а додека таа му објаснувала што се случило, тој се облекувал.
Обвинителката го прашуваше за тоа што се случувало кога отишле до местото каде што било последното зрачење на телефонот од Вања.
Го праша зошто никому не кажал дека ќе оди да ја бара Вања во болница, тој негираше дека не кажал никому.
– Не сум го напуштил веднаш местото во возилото. Позади мене во судницата седи еден од тие луѓе кој може да ви потврди, ако дозволува процедурата, дали беше така или не. Не сум го напуштил веднаш местото. На Митре, чичкото на Зорица, не сум му кажал дека ќе одам во болница. Зорица беше известена. Таа знаеше за моето движење, јас за нејзиното, телефоните постојано фрчеа. А дедо Митре, чичко ѝ на Зорица рече дека ќе продолжи да бара во реонот каде се наоѓа. Јас не знам кога точно сум ѝ се јавил на Зорица, но таа знаеше дека ќе одам кај братучедот Дарко да ја бараме Вања по болниците – рече Александар.
Пред да одлучите да заминете, вие не ја прашавте Зорица за тоа каде е Миња, како е, воопшто не пршавте ништо, така? – праша обвинителката.
– Јас знаев дека Зорица, како што се договоривме, ќе се упати кон училиште, затоа што Вања и Миња имаат заедно трети час по физичко. Знаев каде е, зошто би се јавувал да ја прашувам Зорица каде е Миња, кога Вања ја нема. На што да дадам приоритет? – рече Александар.
Тој рече дека во судницата се наоѓа еден од полицајците кои бил присутен кога ја барале Вања кај „Фитнес хаус“ и дека може да го прашаат и него.
На тоа судијата му рече да не му се обраќа нему кого и што да го прашува.
Ѓорчевски бара Обвинителството да ја покаже снимката кога тој врти назад кај „Александар палас“
Рековте дека откако сте провериле кај вашиот братучед доктор дека Вања не се наоѓа по болниците, тој ви дал нешто за смирување, па ви дошло некако природно со возило да тргнете кон граничниот премин Блаце. Нели е чудно тоа? – праша обвинителката.
– Откако ја завршивме потрагата по болниците, најблиските премини се Блаце и излезот од Скопје кон Ѓорче Петров. Јас имам пријатели кои ми се јавија и ми потврдија дека детално ќе се прегледуваат сите возила на граничните премини. Од тие причини, веднаш штом го поминав „Александар палас“ и наидов на невидена гужва во сообраќајот решив да свртам полукружно и да се упатам кон Ѓорче Петров. Ако може да ве замолам, вие ги имате сите инструменти, денеска можете да дадете наредна до Безбеден град, со самото внесување на регистарска табличка ќе го добиете интегрално целото мое движење цела недела пред и по настанот. А не парцијално да вадите тука снимка како се движам кон „Александар палас“, а зошто не ја продолживте снимката уште 10 секунди, за да видите дека се враќам назад? – возврати Александар.
Обвинителката забележа дека Александар не ѝ го кажал ова при распитот во Јавното обвинителство.
– Јас на првиот исказ кај вас побарав детектор за лаги. Ми рековте дека во таа фаза не е дозволена употреба на таков уред. До бранителот веднаш реагирав во судницава, му посочив за кој момент се работи на снимката и каде сум се движел. Тој вас ве праша, одговорот бил дека само тие 5 секунди сте ги добиле за мене од Сејф сити. И уште една кратка снимка од 5 секунди како од мостот преку Треска влегувам во Скопје – рече Александар.
Како не ви дојде природно со возилото да се вратите од местото од каде што сте тргнале и каде што се сите кои ја бараат Вања? Значи ли тоа дека однапред знаевте дека нема никакви шанси да ја најдете Вања? – праша обвинителката.
– Јас се надевав дека ќе ја најдам Вања по пат. Дека некој што ја украл ќе се предомисли и ќе ја пушти. Додека возев цело време разговарав по телефон со пријатели кои можат да помогнат, но пресудно беше кога во вибер групата почнаа коментари од родители дека треба да се гледаат камери. Тогаш одлучив да се вратам во Центар и заедно со родителите почнавме да бараме камери – рече Александар.
Тој рече дека немал број од полицајците да им сејави да ги праша дали Вања е најдена, а дека со Зорица контактирале цело време и дека двајцата вртеле на бројот на Вања.
Зошто не сведочел братучедот Дарко?
Обвинителката го праша зошто не го повикал за сведок братучедот Дарко.
– Исто како што вие не ги обезбедивте камерите од Воена болница, каде што се гледа како Дарко ме пречекува. И не се работи за саат или саат и пол, туку во болницата се задржав некаде околу половина час. А за сведок дали сум го повикал или не, оставив на бранителот и не знам од која причина не го повикал Дарко за сведок. Сте можеле и вие да го повикате, како што ги повикавте останатите членови на семејството и луѓето кои беа во станот додека ја баравме Вања. И Дарко беше еден од нив. Тој беше цело време присутен таму – рече Александар.
Рековте дека сте имале и сценарио дека Вања е киднапирана. Нели е чудно, зошто да имате сценарио дека токму Вања би била киднапирана? – праша обвинителката.
– И јас се прашувам зошто. И тогаш сите се прашувавме зошто. Но моментите на нејзиното исклучување на телефонот, наглото скршнување од рутата кон училиштето, наведуваа на тоа – дека не по своја волја е однесена во друг правец. Тоа со Зорица го констатиравме уште во 7.47 часот сабајлето, кога пријавивме во полиција и Зорица ги замоли колешките од работа да објави на соцојалните мрежи дека Вања е исчезната – рече Александар.
Таа го потсети дека рекол дека еден од инспекторите му рекол дека само тој вели дека Вања е киднапирана.
– Точно е дека тој тоа го кажа, но апсолутно не е точно дека само јас сум рекол дека Вања е киднапирана. Сите тоа го констатиравме – и родителите од групата на Вибер и пријателите и сите што нѐ познаваат нас и Вања – рече Александар.
Тој додаде дека полицијата правела профил на нивното семејство. Ги испрашувала со колку недвижен имот располагаат, кој колку возила има и дека не им било својствено дека Зорица препишала свој стан на негово име.
– Во самиот почеток почувствував дека се сомневаат во мене – рече Александар.
Испратиле 1.000 скришотови од снимки во Сејф сити
Обвинителката рече дека на 28.11.2023 се појавил Гоце Трајковски, откако се јавила неговата мајка Кираца, а се немале видено 20 години.
– Во моментот кога ми се јави Гоце, не знаев какви пријатели и контакти има. Но, набрзо почнав да добивам информации од него. За лицето од Сејф сити, како и за некои други лица од истрагата која ја водевме, бевме замолени да не им го откриваме идентитетот за да не ја изгубат работата – рече Александар.
Како ви паднало чудно само едно возило, кое според вас, било стара кола, која исфрлала густ чад од ауспухот? Од презентираните видеозаписи излезе дека тоа возило чади од ауспухот исто како и сите други возила кои во тоа време се забележуваат на видеозаписите – рече обвинителката.
– Не знам колку скриншотови испративме во Сејф сити. Меѓу нив беше и тоа возило, кое навистина испушташе поголем чад и имаше одблесок од хаубата, како да е замрзната. Се движеше побавно од другите возила, мислам дека прозорците беа замаглени. Времето се совпаѓаше со исчезнувањето на сигналот на Вања кај Хаус гарден, која пеш не би можела да стаса за 5 минути до таму. Покрај тоа возило, се сомневавме и на едно бело комбе – рече Александар.
Рековте дека сте направиле над 1.000 скриншотови од снимките кои Гоце ги пратил на пријателот од Сејф сити, кој, пак, му кажал на Гоце дека колата се бара 5 дена. Како вашиот пријател во Сејф сити не ги известил неговите претпоставени, туку прво ве известувал вас? Вие велите дека не можете да го откриете името на тоа лице, за да не му наштетите, а се работи за животот на вашето дете – рече обвинителката.
– Ако биле внесени регистарските таблички на возилото кое се барало 5 дена во системот на Сејф сити, денеска во судницата ќе се расправаше само за убиството на велешанецот Панче. Претпоставувам дека немале наредба да го бараат возилото и дека е пропуст на полицијата. Контактот од Сејф сити навистина не знам кој е, немам директно разговарано со него. Тој не смеше да ни одава тајни и да ни дава снимки од Сејф сити, затоа што тоа е кршење на правилата и би се соочил со казна, но ние смеевме нему да му праќаме снимки – рече Александар.
Тој рече дека мисли дека Гоце му пратил снимка на инспекторот Дејан Димовски.
– Не приметив во ниеден момент дека Дејан Димовски тука во судницата мене ме обвинува и дека има докази против мене, туку дека само имале сомнежи – рече Александар.
Тој рече дека Димовски не го информирал дека е запален „цитроенот“, дека за тоа дознале од социјалните мрежи. Од Гоце разбрал дека полицајците дознале дека е запалено возилото во Бразда два дена откако било запалено.
Значи, од нигде никаде, вам и на Гоце, од сите возила ви стана сомнително само возилото „цитроен“, во кое не се забележува дека во него е Вања? – праша обвинителката.
– Од снимките кои јас ги поседував не се гледаше колку лица се во возилото. Не ми беше само тоа возило сомнително, но откако ни го посочија од Сејф сити, се фиксирав на него на снимките од сите 3 камери кои ги поседував. На едната камера се гледа дека возилото се движи на крајната десна лента во Буњаковец, па застанува, се враќа малку во рикверц, па оди во крајната лева лента, како да добива инструкции од некого како да се движи. Сознанијата од Сејф сити, објавата на Фејсбук за исчезнатитот татко со посоченото возило и подоцна информацијата за палење на истото возило нѐ наведе да немаме сомнеж дека се работи за тоа возило – рече Александар.
Тој додаде дека Гоце се сомневал дека Вања е киднапирана од исчезнатото лице од Велес.
– На снимката од бензинската, која му беше препратена на инспекторот Музафер Каришиќ, се гледа како велешанецот стои до возачката врата. На совозачкото седиште има едно лице. Од роднината на Гоце дознавме дека Панче рекол дека капачето од резервоарот му е расипано, и да му стават бензин во кантичка. Бил одбиен, па рекол дека ќе оди на друга локација – рече Александар.
– Бев сигурен дека Вања не е во станот во Капиштец, не е во Шведска, не е во Охрид, не е на Водно или во парк среде ноќ, сето тоа што полицајците го наметнуваа – додаде Александар.