ЃОРЧЕ ПЕТРОВ НЕМА ДА СВЕТНЕ ЗА НОВА ГОДИНА Стојковски најави базар, пакетчиња и помош за најранливите
Како што ни посочи Стојковски украсување нема да има, но затоа во план имаат да организираат базар со учениците викендот пред Нова година и со сопствени сили да ги анимираат граѓаните.
На нешто повеќе од еден месец од најлудата ноќ во годината, економската и енергетската криза го оставија со врзани раце првиот човек на Ѓорче Петров, Александар Стојковски, кој и покрај бројните проблеми и предизвици со кои се соочува вели дека ќе се обиде да ги расположи граѓаните на оваа општина.
Во разговор за Плусинфо, Стојковски објасни дека општината во моментов има ограничен буџет, воведени се мерки за штедење, бидејќи сметките за струја се значително зголемени, па поради тоа оваа година нема да има новогодишно украсување на општината.
– Постојано алоцираме средства од едно место на друго. Трошоците се зголемуваат постојано и поради тоа принудени сме да одложиме некои проекти за следната година. Оваа криза не е само кај нас, со неа се соочува целиот свет, но се обидуваме да ја менаџираме – вели Стојковски.
Како што ни посочи, украсување нема да има, но затоа во план им е да организираат базар со учениците викендот пред Нова година и со сопствени сили да ги анимираат граѓаните.
– За градинките има насока да се набават новогодишни пакетчиња за дечињата, а стандардно даваме пакетчиња и за првачињата, но овој пат тие ќе бидат во вид на училиштен прибор или нешто што ќе им користи во процесот на образование, па сметам дека со тоа ќе им помогнеме и на родителите – вели градоначалникот.
Тој додава дека не ги забораваат и социјалните случаи на кои секоја година со помош на компании кои се соработници на општината, им донираат храна, облека, средства за одржување хигиена и слично.
– Ќе се обидеме и покрај многубројните предизвици кои се пред нас, да ги оттргнеме малку жителите на Ѓорче Петров од секојдневните проблеми со кои се соочуваат. За сето ова имаме во план да потрошиме што е можно помалку средства од општинската каса, а сепак на граѓаните да им ја доловиме празничната атмосфера – вели градоначалникот на Ѓорче Петров.