ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ЌЕ БИДЕ ПРВАТА ЕНЕРГЕТСКИ НЕЗАВИСНА ОПШТИНА Ќе се гради фотоволтаична централа на покривите на јавните објекти, најави Стојкоски
Ќе го изградиме новиот мегапарк Македонија, којшто ни е во постапка, на кејот на реката Вардар, со површина од 18.000 квадратни метри. Паркот ќе ги содржи сите потребни зони за рекреација, ќе има нова летна сцена, плоштад со нови патеки и фонтана, вели Александар Стојкоски, кандидат за градоначалник за општина Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ.
На овие избори настапуваме со програма од 140 проекти поделени во сите сегменти коишто го зафаќаат живеењето на жителите во Ѓорче Петров, програма којашто ќе ги опфати сите возрасти, категории, рече Александар Стојкоски, кандидат за градоначалник за општина Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг.
– Јас во фокусот секогаш ги имам младите и со оваа програма ќе реализираме 5 нови детски градинки во Ѓорче. Една детска градинка веќе ја правиме во Стопански Двор, договорот е потпишан, и наредната недела започнува детската градинка во Дексион. Ќе продолжиме посветено да работиме и за децата во основното образование, ќе направиме 5 доградби и едно основно училиште, „Гоце Делчев“ – рече Стојкоски.
Стојкоски истакна дека ќе се изградат 3 спортски комплекси.
– Ќе работиме силно и посветено за животната средина. Ѓорче Петров ќе ја добие и првата 2,2 мегаватна фотоволтаична централа на крововите на јавните објекти, со тоа општината Ѓорче Петров ќе стане првата енергетски независна општина – рече Стојкоски.
Посочи и дека ќе се изгради нова летна сцена со нов плоштад, како и нов парк.
– Ќе го изградиме новиот мегапарк Македонија, којшто ни е во постапка, на кејот на реката Вардар, со површина од 18.000 квадратни метри. Паркот ќе ги содржи сите потребни зони за рекреација, ќе има нова летна сцена, плоштад со нови патеки и фонтана. Во делот на животната средина ќе набавиме и ново комунално возило за собирање на зелен отпад, а планирана е изградба на првиот центар за примарна селекција на отпад – најави Стојкоски.