ОРЦЕ ЃОРЃИЕВСКИ – РЕИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЗЕЛС Изет Меџити и Горан Герасимовски се нови потпретседатели
Во наредниот период фокусот ќе биде ставен на посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и на обезбедување поголема финансиска стабилност на општините.
Со едногласна одлука, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски е реизбран за претседател на ЗЕЛС на денешното Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа.
– Од срце им благодарам на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за укажаната доверба, заедно со моите колеги, двајцата нови потпретседатели, Изет Меџити и Горан Герасимовски. Уверен сум дека пред нас е успешен мандат кој ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на децентрализацијата – рече Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека својот оптимизам го темели и на јасната поддршка и партнерскиот однос со Владата и со премиерот Христијан Мицкоски.
– Во овој мандат располагаме со значаен човечки потенцијал и искуство, повеќе од половината градоначалници имаат најмалку еден мандат зад себе, а меѓу нив и колеги со долгогодишен континуитет. Искуството од енергетската криза покажа дека кога сме обединети во рамките на ЗЕЛС можеме да изнајдеме решенија и да се справиме со најтешките предизвици – рече Ѓорѓиевски.
Во документот „Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ и новата Стратегија за периодот 2026-2030 година, јасно се дефинирани приоритетите со кои подготвено ќе се настапува во дијалогот со централната власт.
Ѓорѓиевски додаде дека во изминатиот период активно учествувале во подготовката на измените на Законот за локална самоуправа, при што било прифатено нивното долгогодишно барање за воспоставување општинска комунална полиција.
– Во наредниот период фокусот ќе биде ставен на посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и на обезбедување поголема финансиска стабилност на општините. Ќе продолжиме со лобирање за поголем удел на општините во јавните приходи, подобра наплата на сопствените извори и понатамошен развој на електронските услуги. Пред нас стојат уште многу важни прашања, но уверен сум дека со заеднички пристап и јасна визија ќе постигнеме конкретни резултати – порача Ѓорѓиевски.