ОРЦЕ ЃОРЃИЕВСКИ НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ ГО СВЕТНЕ СКОПЈЕ ЗА 72 ЧАСА Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ ја претстави Визијата за Скопје 2025-2045

854

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски денеска ја претстави својата Визија за Скопје 2025–2045 и рече дека таа се темели на 7 столба.

– Ветив дека во првите 72 часа откако ќе го преземам местото градоначалник на Скопје ќе започнеме со активност каде ќе се вклучат сите општини. И за 72 часа, Скопје ќе блесне. Тоа е она што нѐ мачи изминатиот период и изминатите години. Скопјани заслужуваат чист град – рече Ѓорѓиевски и додаде дека е спремен да не се штеди и да се вложи себеси до последниот атом.






Ѓорѓиевски порача дека сака да биде обединувач, а не да создава поделби. Тој навести дека дел од неговите противкандидати може да влезат утре во неговиот тим.

– Дел од тие луѓе можеби ќе бидат вклучени во мојот тим, можеби дел од нивните идеи од програмите ќе бидат реализирани од нас. Не правам поделби. Сакам да обедувам и да работам. Резултатите во мојата општина Кисела Вода, ми даваат најголем кредибилитет – додаде тој.

Програма со 7 столба

Тој рече дека како градоначалник ќе биде целосно транспарентен за секој чекор и за секој проект.

– Одржлив урбан развој во следните 20 години, нема компромиси со здрава животна средина и биодиверзитет, целосна комунална обнова на градот, враќање на културниот идентитет на Скопје, дигитална трансформација и паметни решенија, Скопје како град на младите и науката и јакнење на јавната грижа и безбедноста – наброја Ѓорѓиевски од својата програма.

– Сите модерни европски главни градови имаат долгорочни планови. Виена има и визија за 50 години однапред. Зошто да не може и Скопје? Нашиот град заслужува да размислува и да планира на исто ниво. До 2045 година ја гледам метрополата Скопје како град што дише преку своите зелени коридори. Како град што се движи преку еколошки и интегрирани транспортни решенија. Како град што живее преку јавни простори што повторно им припаѓаат на граѓаните. Ова не е само план за градба – ова е модел на ново живеење, по мерка на луѓето – рече тој.

Ѓорѓиевски најави дека ќе формира меѓународен борд на светски експерти и ќе соработува со универзитети во Торино, Солун, Љубљана и други. Заедно со локални експерти, избрани на јавен конкурс, најави дека ќе изработи сеопфатен 20-годишен план „Визија за Скопје 25/45“.

– Оваа визија ќе ги интегрира урбанизмот, мобилноста, зелената инфраструктура, енергетската ефикасност, управувањето со ресурси, социјалната инклузија и заштитата на културното наследство. Ќе создадеме град што е отпорен, конкурентен и здрав – усогласен со климатските цели и европските стандарди за квалитет на живеење. Но за тоа да успее, ни треба силна институционална рамка. Затоа ќе формираме Совет за урбан развој, составен од врвни архитекти, инженери, експерти и претставници на граѓанскиот сектор. Тој Совет ќе биде гаранција дека ќе имаме европски стандарди во урбанизмот, транспарентност и јавна отчетност – рече Ѓорѓиевски.

Ќе ја врати функцијата градски архитект

Кандидатот за градоначалник најави дека повторно ќе ја врати функцијата Градски архитект – експерт со јасни ингеренции и јавна поддршка, кој ќе ја претвора Визијата во конкретни решенија.

Тој најави и ново јавно претпријатие – Урбан Центар Скопје кое ќе ги изработува планските документи професионално и транспарентно.

– Новиот Генерален урбанистички план ќе се донесе врз основа на оваа визија и ќе ги постави темелите за долгорочен и европски ориентиран развој. Секој детаљ ќе мора да произлегува од тој концепт – за да ставиме крај на хаосот со неконтролирано и штетно градење. Ова не е далечна фантазија. Ова е почеток на нова урбана ера. Скопје конечно ќе добие ред, хармонија и достоинствен изглед на европска метропола – ветува Ѓорѓиевски.

Тој најави план за чист воздух, за современ третман на отпадот и за конечно решение за депонијата Дрисла. Изградба и обнова на паркови, прочистување на реката Вардар и на другите градски реки. Довршување на булевари, нови улици, мостови, катни гаражи, клучки и кружни текови. Нови културни центри, поддршка за младите уметници и враќање на јавните простори за култура. Скопје, додаде тој, мора да стане паметен град – со дигитални услуги достапни за секој граѓанин, со технологија што го олеснува животот и со иновации што ја движат економијата напред.

Поддршка за стартапи, иновациски центри, стипендии, меѓународни партнерства. Скопје мора да биде сигурност за секој човек. Социјални програми за најранливите, достапна здравствена поддршка, силна противпожарна и спасувачка служба, ред во јавниот превоз и безбедни маала за сите генерации.

– Ова не е список на празни ветувања. Ова е визија што ќе го претвори Скопје во современ, зелен, дигитален и хуман град. Зад оваа визија стојат експерти, професори и практичари – но пред сè, граѓаните. Јас не ветувам невозможни работи. Ветувам работа, одговорност и континуитет. Ветувам визија што ќе го направи Скопје град на ред, на зелени јавни простори, на модерна инфраструктура и на квалитетен живот за сите генерации. Заедно ќе го изградиме Скопје кое ќе го сакаме, ќе го чуваме и во кое секој ќе има свое место. Најдоброто допрва доаѓа – рече Ѓорѓиевски.

 

Поврзани содржини