„ОРЦЕ ЃОРЃИЕВСКИ ЌЕ ПОБЕДИ ВО СКОПЈЕ, А ИЗЕТ МЕЏИТИ ВО ЧАИР“ Николоски вели дека веќе нема да поддржуваат независни кандидати
Вицепремиерот Николоски очекува кандидатот на ЗНАМ Мирослав Лабудовиќ, кој ќе добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, лесно да биде избран за градоначалник на Центар.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски сигурно ќе го добие градот Скопје, а во Чаир ќе победи Изет Меџити од коалицијата Вреди, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски синоќа во емисијата „Click Plus“ на ТВ21.
– Мислам дека е извесна работата во Центар, ние го поддржуваме тука кандидатот на ЗНАМ, но кога ќе ги видите партиските анкети ние сме далеку пред СДСМ, и кога ќе видите еден на еден гласовите исто така Лабудовиќ е далеку напред и очекувам лесно да биде избран за градоначалник – вели Николоски.
Што се однесува до Данела Арсовска, тој рече дека тие се извиниле за актуелната градоначалничка на Град Скопје.
– Мислам дека е најлош градоначалник во историјата на градот, за жал – рече Николоски.
Тој додаде и дека нема веќе да поддржуваат независни кандидати.
– Ја научивме лекцијата, веќе нема поддршки на независни кандидати, туку кандидати кои целосно одговараат на принципите и програмата на ВМРО-ДПМНЕ – вели Николоски.
Што се однесува до брзата пруга, тој рече дека километар ќе чини околу 8,8 милиони евра.
Како што додаде, целиот проект ќе чини околу 1,8 милијарди.
– Првичната проценка е дека некаде 8,8 милиони евра по километар за финалното проектирање, затоа што ќе одиме со заедничко проектирање и градба. Тоа е тоа што сега модерниот свет го прави, да не работи еден проект, а друг градба, туку тоа го спојуваме во едно – додаде Николоски.
За Резолуцијата на СДСМ за црвените линии, Николоски истакна:
– СДСМ сакајќи да се испере од гревовите кои ги направи со потпишувањето и прифаќањето на бугарскиот диктат уште подлабоко влегува во проблеми и во други процеси кои што можат дополнително да ѝ наштетат на Македонија – вели Николоски.
Според него, тоа е нивна политика и тие најдобро знаат зошто ова го прават, иако јасно е познато кај луѓето дека партијата не само што не ги штити туку и ги гази македонските национални интереси.