Бизнисменот Орце Камчев е ставен на „црната листа“ на САД, соопшти денеска Стејт департментот.
„Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) назначи едно лице, Јордан Орце Камчев, во Северна Македонија согласно Извршниот налог (E.O.) 14033. Денешното назначување ја нагласува континуираната посветеност на Соединетите држави за промовирање на одговорност за поединци и ентитети кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Во официјалното соопштение американското Министерство наведува дека Камчев интензивно се занимавал со корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци повеќе од една деценија, почнувајќи од раните 2000-ти години. Наведени се и судските процеси „Парцели на Водно“, „Империја“ и „Рекет“.
„Дополнително, Камчев ги искористи своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем во негова корист. Во 2020 година, главната обвинителка на Специјалното јавно обвинителство беше обвинета за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поповолни притворски услови и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главната обвинителка и други, тврдејќи дека го изнудувале. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се вели во соопштението.
Се наведува дека по скандалот со СЈО, ова Обвинителство пропаднало, а „како резултат на тоа, многу случаи на корупција на високо ниво кои СЈО ги истражуваше, остануваат нерешени и стагнираат, (а на тој начин) се одложува одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слична на Камчев“, се наведува во соопштението од Стејт департментот.
На Камчев му е блокиран имотот во САД, како и имотот на нему блиски лица и компании, но и сите финансиски врски со Америка, американски државјани и американски компании.
Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, се огласи со твит во кој наведе дека „овие санкции не влијаат само врз поседувањата и имотот на г-дин Камчев, туку и врз оние кои имаат бизнис со него“.
Претходно, на црната листа беше ставен градоначалникот на Струга Рамиз Мерко од ДУИ, кој доби и забрана за влез во САД.