ОРБАН ЈА СТАВИ ВОЈСКАТА НА ГОТОВС ОКОЛУ „ДРУЖБА“ Ескалира надмудрувањето со Киев?

Орбан по седница на Советот за национална безбедност изјавил дека Украина стои зад прекинот на „Дружба“ и наредил зголемена заштита на енергетската инфраструктура. Украина возврати дека прекинот бил последица на руски напад со дрон

444

Енергетска криза повторно ја тресе Централна Европа. Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, нареди распоредување војници околу клучната енергетска инфраструктура. Орбан тврди дека Украина планира да го наруши унгарскиот енергетски систем, пренесува Индекс.

Одлуката дојде по седница на Советот за национална безбедност, јави Ројтерс. Орбан соопшти дека Унгарија не примила нафта преку нафтоводот „Дружба“ од 27 јануари.






– Според сите информации, јасно е дека прекинот нема никаква врска со технички, туку со политички причини. На овој начин, украинската влада врши притисок врз Унгарија и Словачка – напиша Орбан.

Нафтоводот „Дружба“ транспортира руска сурова нафта кон Унгарија и кон Словачка. Двете земји го обвинуваат Киев за долгорочно нарушување на снабдувањето. Украина возврати со поинаква верзија. Киев тврди дека прекинот бил последица на руски напад со беспилотно летало врз опрема на нафтоводот во западна Украина.

 

Орбан најави нови мерки.

– Информациите на советот укажуваат дека ќе има повеќе потези од Украина за нарушување на унгарскиот енергетски систем. Затоа наредив зголемена заштита на енергетската инфраструктура. Ова значи распоредување војници и опрема околу клучните енергетски објекти – рече тој.

Премиерот на Унгарија воведе и забрана за летање дронови во округот Саболч-Сатмар-Берег, на унгарската страна од границата со Украина.

– Никој нема да ја уценува Унгарија – порача Орбан.

Изборите во Унгарија се закажани за 12 април. Орбан се кандидира за реизбор. Анкета на „Медијан“ покажа дека во февруари централно-десничарската опозициска партија „Тиса“ го зголемила водството пред Орбановата „Фидес“.

Според анализа на бриселски „Политико“, Орбан оди на отворен конфликт со Брисел и со Киев за да ја оживее кампањата. Тој го напаѓа својот ривал Петер Маѓар, обвинувајќи го дека е продолжена рака на Брисел и на Киев.

Премиерот кој владее 15 години, заостанува во дел од анкетите.

Поврзани содржини