Оранжерии Вардар казнета со 20.000 евра за испуштање мазут во Вардар
Според информациите, мазутот не се користел и истекувањето се случило од небрежност и неодржување на складиштето со преостанатите резерви.
По пријава од граѓани за излеана темна дамка во реката Вардар кај Градско, Државниот инспектор за животна средина темелно ги истражи можните извори и утврди дека излевањето потекнува од оранжериите Вардар АД од Градско, информира Инспекторатот.
– Според информациите, мазутот не се користел и истекувањето се случило од небрежност и неодржување на складиштето со преостанатите резерви. За правното лице е изречена казна од 20.000 евра во денарска противвредност за загадување на површински води, согласно Законот за води. Наредено е и чистење на остатоците од излевањето во кругот на оранжериите, како и склучување договор со компанија лиценцирана за транспорт и отстранување на опасен отпад – велат од Инспекторатот.
Од таму информираат дека по извршена контрола утврдиле дека правното лице има постапено по наредбата.